ЕБОР одобри 20,9 милиони евра кредит на Северна Македонија за набавка на нови електрични локомотиви и современ систем за планирање на ресурсите на претпријатието (ПРП).
Проектот, како што е наведено во информацијата, ќе ја поттикне ефикасноста , ќе ги намали емисиите на јаглероден диоксид и ќе ги подобри квалитетот и безбедноста на железничкиот сообраќај.
Проектот, според наведеното, ќе придонесе во подобрување на оперативната и финансиската одржливост на Македонски Железници Транспорт преку подготовка на корпоративен план за развој.
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го зајакнува железничкиот транспортен сектор со кредит до 20,9 милиони евра на Северна Македонија, во корист на АД Македонски Железници Транспорт Скопје (МЖТ). Со ова финансирање ќе се овозможи купување до пет електрични локомотиви и имплементација на современ систем за планирање на ресурсите во претпријатието (ПРП), што е исчекор во напорите на земјата за модернизација на работењето на железничкиот сообраќај.
Проектот е имплементиран од Министерството за транспорт, со поддршка на Министерството за финансии, и ќе овозможи МЖТ да го модернизира товарниот возниот парк, да ги зајакне ефикасноста и квалитетот на работење , и да ја подобри безбедноста на возниот парк.
Инвестицијата се очекува да донесе значајни економски и еколошки придобивки. Преку зајакнување на конкурентноста и одржливоста на железничкиот транспорт, се поддржува транзицијата кон позелен и поконкурентен транспортен систем. Дополнително, со воведување на системот за ПРП, ќе се поедностави основниот деловен процес на МЖТ, поттикнувајќи натамошна оперативна ефикасност.
Проектот има за цел да го зајакне работењето на МЖТ, преку креирање на Корпоративен План за Развој , кој ќе ја подобри ефикасноста на компанијата и нејзината финансиска одржливост. Тој ќе вклучи изработка на акционен план за ефикасност, со специфични мерки за подобрување на тарифната методологија, како и ажурирање и хармонизација на методологијата за обврските на јавниот сервис согласно барањата на Директивите на Европската Унија. Покрај технолошките подобрувања, ќе поддржи и родова еднаквост и ќе помогне во зајакнување на поинклузивна и прогресивна работна средина во МЖТ.
Фатих Туркменоглу, Претставник на ЕБОР за Северна Македонија изјави: ,, Оваа инвестиција претставува унапредување на националната транспортната железница. Преку поддршка на обновувањето на возниот парк и корпоративните подобрувања на националниот железнички оператор, ЕБОР помага во поттикнување на конкурентноста, безбедноста и одржливоста на транспортната мрежа во земјата. Проектот не само што ќе испорача видливи еколошки придобивки, туку ќе постави и нови оперативни стандарди и еднакви можности во секторот. Оваа е важна инвестиција за поддршка на извозно ориентираните бизниси во земјата, во насока на нивна интеграција кон глобалните ланци на вредност, со што ќе се зајакне конкурентноста на приватниот сектор и ќе се креираат работни места, кои последователно ќе ја поддржат земјата во справување со проблемот на одливот на населението.”
Министерката за Финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, изјави: ,,Договорот за заем што денес го потпишуваме со Европската банка за обнова и развој, во износ од 20,9 милиони евра, е резултат на интензивни и конструктивни преговори и претставува потврда за довербата што меѓународните финансиски институции ја имаат во нашите политики и во насоката во која се движи државата.
Условите под кои се обезбедени средствата – долгорочен рок на отплата, поволен грејс период и конкурентна каматна стапка – се во целосна согласност со нашата стратегија за одговорно управување со јавниот долг и обезбедување одржливи јавни финансии“, рече министерката и додаде дека Министерството за финансии, останува целосно посветено на обезбедување финансиска поддршка за проекти кои носат долгорочна економска вредност, го поттикнуваат развојот и ја подобруваат поврзаноста на државата со регионалните и европските транспортни коридори.”
Министерот за транспорт, Александар Николоски, изјави: ,,Навистина ми е драго што денес имаме можност да заокружиме еден исклучително важен процес кој ќе значи набавка на најмалку пет нови електрични локомотиви, заедно со пропратни резервни делови. Со новата флота од пет локомотиви и постојните четири понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго-превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај.”
Проектот е целосно усогласен со Бизнис планот и Акциониот план на МЖТ, за преструктуирање и развој, и е во согласност со Реформската Агенда на ЕУ за Западен Балкан која има цел да се подобри управувањето и перформансите на државните железнички претпријатија.
ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над 3 милијарди евра во над 200 проекти во земјата.
















