Во 2025 извршени 1.700 надзори за животната средина, издадени 20 решенија и три забрани за работа

Макфакс

02/01/2026

13:02

157

Големина на фонт

а а а

Во текот на 2025 година, заклучно со 20 декември, во државата биле спроведени вкупно 1.700 инспекциски надзори во областа на животната средина, при што биле утврдени 398 неправилности и издадени исто толку решенија во инспекциска постапка, соопштија надлежните на денешната прес-конференција.

Како што беше истакнато, покренати се над 30 прекршочни и четири кривични постапки. Надзорите опфатиле редовни, вонредни и контролни инспекции, а биле спроведувани согласно Годишниот план за работа и Акцискиот план за краткорочни мерки за чист воздух за периодот ноември 2025 – март 2026.

Во рамки на Акцискиот план, од 1 ноември до денес биле реализирани над 55 инспекциски надзори кај инсталации со А-интегрирани еколошки дозволи, при што биле издадени 20 решенија и три забрани за работа. Надзорите биле спроведени на целата територија на државата, во инсталации со влијание врз животната средина преку емисии во воздухот.

Надлежните информираа дека во 2025 година кај Цементарница „Усје“ биле извршени вкупно шест инспекциски надзори – два редовни и четири вонредни, од различни државни инспектори, вклучително и вечерни, ненајавени контроли. Кај сите надзори не биле утврдени неправилности во работењето на правниот субјект.

Дополнително, биле реализирани и ненајавени вонредни мерења на емисии во воздухот, во соработка со лабораторијата при Министерството за животна средина и просторно планирање и Управата за животна средина. Цементарницата, како што беше наведено, доставува месечни извештаи за емисии во воздухот од сите емисиони точки, како и полугодишни извештаи од мерења спроведени од акредитирана лабораторија.

Во делот на дозволите беше појаснето дека Цементарница „Усје“ поседува А-интегрирана еколошка дозвола издадена во март 2020 година, со важност од седум години. Најдоцна до март 2026 година, операторот е должен да поднесе барање за нејзино обновување, при што постапката ќе вклучи и учество на јавноста и примена на најдобри достапни техники.

Надлежните информираа дека од крајот на 2018 година Цементарница „Усје“ користи алтернативни горива со стапка на замена до 15 отсто, како дел од концептот на циркуларна економија. Во 2024 година, според годишниот извештај, не биле увезувани алтернативни горива поради законската забрана за увоз на отпад за енергетски цели, а користени биле биомаса од земјоделски отпад, селектиран отпад од текстилната индустрија, отпад од пакување и отпадна пластика што не може да се рециклира.

На прес-конференцијата беше нагласено дека инспекциската служба има превентивна и надзорна улога, а мерењата на емисии ги вршат исклучиво акредитирани лаборатории. Податоците од континуираниот мониторинг, кој се спроведува 24 часа дневно, седум дена во неделата, се обработуваат софтверски и се доставуваат до надлежните институции.