Украинското Министерство за култура го избриша рускиот композитор Пјотр Илич Чајковски од името на Националната музичка академија во Киев, која го носеше неговото име 85 години, објаснувајќи го потегот со избегнување на употребата на „симболи на руската империјална политика“, пренесе „Еуромајдан прес“.
Чајковски живеел и творел во втората половина на 19 век, кога денешна Украина била дел од Руската империја, а тој има и корени од територијата на денешната украинска држава.
Украинското Министерство за култура ја објави оваа одлука на својата веб-страница неделава, наведувајќи дека институцијата отсега ќе се нарекува само „Национална музичка академија на Украина“.

„Продолжуваме со процесот на деколонизација на украинската култура. Одлуката е донесена во согласност со законот за забрана на пропаганда на руската империјална политика во Украина и за деколонизација на топонимијата“, изјави министерката за култура Тетјана Бережна, која додаде дека бришењето на Чајковски од името на институцијата, е во согласност со законите за високо образование и култура.
Основа за преименувањето беше стручното мислење на експертската комисија на Украинскиот институт за национално сеќавање. Таа одлучи дека употребата на името на Чајковски во името на институцијата „е симбол на руската империјална политика и не е во согласност со важечкото законодавство“. Затоа, Министерството за култура ги искористи своите овластувања и донесе одлука за преименување на академијата, се наведува понатаму во соопштението на министерството.
Дискусијата за преименување на академијата започна уште во 2022 година, кога Русија ја нападна Украина. Сепак, во јуни 2022 година, академскиот совет го отфрлил предлогот за преименување со образложение дека „името на Чајковски не може да се манипулира како империјална нарација“.

Ова, пишуваат украинските медиуми, предизвикало критики од професорите кои постепено почнале да даваат оставки. Студентите потоа организирале протестни акции, но раководството на академијата ги игнорирало, пишува „Украинска правда“.
Чајковски се смета за еден од најголемите светски композитори на сите времиња, особено во романтичарскиот период во музиката. Неговата мајка имала делумно француски корени, а потеклото на неговиот татко, парадоксално, може да се следи до Украина. Дедото на композиторот потекнувал од козачко семејство од Миколајевка во близина на Полтава и оригинално се презивал Чајка.











