„Изгледаш ми као луткица из Трста, опеглана ночу, опеглана дању...“ – стихот од големиот хит на Здравко Чолиќ не се однесуваше, како што многумина мислеа, на некоја млада дама која патува во некогаш за Југословените најблискиот италијански град по најновиот модел фармерки, за дома да се врати како жива реклама за „Benetton“, иако и таа дефиниција би била сосема соодветна.
„Тие“ навистина постоеле. И претставувале вистинско семејно богатство.
Но, не морало да се оди дури до Италија за да се купат. Можеле да се најдат и во некоја од прочуените стоковни куќи … Нејзиното височество, куклата од Трст, била вистинска драгоценост и со неа не смеело да се игра, бидејќи имала поинаква намена, а основната била од декоративна природа.
Европа ја освоила во втората половина на минатиот век, но походот не го започнала од градот кој во колективната меморија на Југословените со причина зазема посебно, многу високо место, туку од местото Санта Џулиета во Ломбардија, околу 50 километри јужно од Милано.
За страсните колекционери, историјатот е добро познат. Сè започнало во мануфактурата „L.i.a.l.a.“ (Lavorazione Italiane Articoli Lavorazione), па во почетокот така и ги нарекувале. Подоцна добиле и други прекари: „Бамбола“, „Италијанка“, „Наполитанка“, а кога, со зголемувањето на побарувачката, во Санта Џулиета се отвориле уште слични фабрики, станало јасно зошто тоа место го добило и називот „град на куклите“.
За разлика од обичните гумени „колешки“, дамите од Трст биле лиени од тврда пластика. Високи меѓу 50 и 100 центиметри, имале раце, нозе и глава што можеле да се поместуваат, а стаклените очи им се затворале кога куклата ќе се легнела. Непотребно е да се нагласува дека тие биле олицетворение на префинетоста на тој интересен занает.

Некои модели имале и механизам со снимен звук, па можело да се слушне како изговараат и „мама“. За многумина тој момент бил малку морничав, но за тоа веќе се „виновни“ авторите на хорор-филмови, кои се досетиле дека куклите можат да бидат и тоа како застрашувачко средство во нивните остварувања.
Со волуменозни фризури, шешири, панделки и цвеќиња во „косата“, нашминкани и облечени во раскошни фустани, тие не претставувале девојчиња, туку девојки и возрасни жени. Како принцези од некој друг свет, на кои смееле само оддалеку да им се восхитуваат, но не и да ги допираат, за да не се наруши таа убавина и совршенство.
Најчесто седеле на брачните кревети во спалните соби, служејќи како украси. Некои можеле да се видат и на комоди (а под нив, секако, милје)… На тие места биле безбедни, далеку од дофатот на детските раце. Ретко кој ги подарувал на деца, бидејќи не биле наменети за игра. Сепак, се сметале за составен дел од растењето. За игра служеле „домашните“ гумени кукли, или пак Барбиките, кои во еден момент куклата од Трст ја фрлиле во сенка, особено на овие простори.

Како што наведува РТС, во почетокот можеле да се купат само во Италија. По 1962 година почнале да се извезуваат, па така стигнале и во Југославија. Биле исклучително скапи – во Италија во тоа време достигнувале цена и до 10.000 лири, што е приближно денешни 600 евра.
Тоа бил мал здив на луксуз во југословенските домови, спомен на шопинг-турата низ Трст, некогашниот поим за облека според најновата мода и разни други работи. Џинс-треска, чевли, кожни јакни, барем еден килограм кафе, прошетка по Понте Росо, а за крај – бувјакот во паркот на Плоштадот Либерта, каде што, како што велат упатените, имало најголема понуда на култните кукли што трепкале со очите. Границата не се преминувала без нив!














