На денешен ден во 1954 година е роден легендарниот Мирза Делибашиќ Кинѓе. Тешко дека било кој играч значел толку многу за еден клуб и град како што тој значел за КК Босна и Сараево, а во текот на кариерата стекна статус на кошаркарска легенда. Ова е неговата животна приказна.
Роден е во Тузла на 9 јануари 1954 година, а интересно, прво тренирал тенис и бил многу успешен во тој спорт. Бил пионерски шампион на Босна и Херцеговина, но подоцна се заљубил во кошарката. Во 1968 година станал член на тузланската Слобода.
Заедно со Драган Киќановиќ го предводел кадетскиот тим на Југославија до титулата на Европското првенство во Горица, а само една година подоцна (1972) го освоиле и Светското првенство.
Мирза веднаш привлекол големо внимание од бројни клубови. Најмногу интерес покажале Партизан и Босна. Кратко време бил во Белград, но сепак одлучил да се врати во Сараево и да ја прифати понудата на Босна.

Со Босна, Кинѓе двапати ја освоил титулата државен првак, еднаш Купот на тогашна Југославија, а во 1979 година во Гренобл, со победа во финалето против италијанскиот Емерсон (96:93), ја освои титулата шампион на Европа.
Година дена подоцна добил понуда која не можела да се одбие. Кралскиот клуб од Мадрид сакал да го доведе Мирза. Во 1980 започнала најдобрата сезона во неговиот живот. Освоил злато на Олимписките игри во Москва со репрезентацијата на Југославија, а следната година го освоил шпанското првенство со Реал и Светскиот куп, а играл и во финалето на Купот на победници.
„Тоа беше мојата златна година. Топката не сакаше никаде освен во кошот“, велел Делибашиќ.
За жал, потоа започнале проблемите.
Го напуштила сопругата, а тој го завршил бракот така како што играл кошарка – брзо и прецизно… На празна кутија од цигари оставил порака пред нејзината зграда во Белград:
„1. Се разведуваме по заеднички договор. 2. Ќе те издржувам тебе и Дарио“, напишал и се вратил во Мадрид.
Сè уште играл добро, но никогаш повеќе не бил стариот Мирза. Почнале проблемите со алкохолот, поради што го напуштил Реал.

Отишол во Италија во Индесит од Казерта кај својот пријател и ментор Боша Тањевиќ, и тогаш започнале сериозните проблеми со здравјето. Во 1983 година доживеал мозочен удар и завршил на Воената медицинска академија во Белград. Неговата кошаркарска кариера била завршена, а започнала борбата за живот.
Не можел да се движи ниту да зборува, а закрепнување траело долго. Тоа не го спречило да продолжи да пие. Чаша вино пред спиење се претворила во литри… Повторно завршил во болница, бил клинички мртов, и со вистинско чудо се вратил меѓу живите.
Мирза повторно се оженил. Се венчал со најдобрата кошаркарка на Железничар од Сараево, Србинката Славица Шука со која го доби синот Данко.

И покрај сите проблеми, кошаркарската јавност не го заборави. Во 1991 година, ФИБА го прогласи за еден од најдобрите европски играчи. Кога државата се распаднала, бил именуван за селектор на Босна и Херцеговина, но поради конфликти со луѓе од Сојузот ја напушти функцијата.
Последните години од животот ги поминал во едно кафуле, а алкохолизмот на крајот го чинел живот.
Легендарниот Богдан Боша Тањевиќ во едно интервју открил дека Мирза бил самодеструктивен и дека тагата го убила.
„Мирза, мислиш ли дека од алкохолот се умира лесно? Не, другар, тоа е тешка смрт. Ако си херој и ако тоа веќе го сакаш, скокни во Миљацка, па заврши ја приказната“, му рекол.

„Кога го видов последен пат, пет месеци пред смртта, тоа веќе не беше Мирза Делибашиќ. Се смалил, едвај можеше да се пронајде во тој голем кревет. Изнемоштен, очаен… Полумртов. Но, и понатаму пушеше како Турчин. Умре од болест која се вика тага. Се вика војна. Се вика Југославија“.
Почина во 2001 година, на 47 години, во Сараево.
„Да леташ како Мирза до самото Сонце, а потоа да паднеш во провалија, тоа е навистина трагедија достојна за еден Икар“, напишал во неговата биографија Слободан Ѓурасовиќ.