Состојба по обилните врнежи во Македонија: Пресек на ЦУК до 12:30 часот

Макфакс

11/01/2026

14:21

274

Големина на фонт

а а а

Центарот за управување со кризи направи пресек на состојбата по обилните врнежи до 12:30 часот.

Скопски регион

– На подрачјето Скопје не се евидентирани нарушувања на редовната состојба. Во моментов нема врнежи од дожд или снег и состојбата е стабилна.

Тетовски регион

– Состојбата во Тетово и околината е стабилна, без нарушувања во редовното функционирање. Сите патни правци се проодни, а коловозите се претежно влажни.

– ЈП „Македонија пат“ редовно го одржува патниот правец Тетово – Попова Шапка.

– Во врска со појавениот одрон на патниот правец Гостивар – Маврово, кај каменоломот, надлежните служби се известени и најавено е ангажирање екипа за расчистување и нормализирање на сообраќајот.

Струмички регион

– На територијата на Струмица нема пријави за настанати штети. Во моментов нема активни врнежи и не постои опасност од излевање на реките. Не се евидентирани одрони или непроодни патни правци.

Велешки регион

– На подрачјето на Велес состојбата е стабилна, без нарушувања, и во моментов нема врнежи од дожд или снег.

Кумановски регион

– На територијата на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање.

– Сите патни правци се проодни и чисти. Патниот правец од с. Пелинце до Граничен премин Пелинце беше подмрзнат, но по интервенција од ЈП „Македонија пат“ истиот е целосно расчистен.

– Во Крива Паланка, Кратово и Страцин сите главни патни правци се проодни, со тековни интервенции за расчистување на одрони и снег на одредени локални делници.

Штипски регион

– На подрачјето на Штип во моментов нема врнежи, а состојбата е стабилна.

Охридско-струшки и западен регион

– Во Охрид, реката Сушица е ставена под контрола со изградба на заштитен насип. Сепак, на повеќе локации се уште има поплавени подрумски простории и дворови.

– Во Струшко, во селата Мислешево и Калишта има поплавени дворови, а состојбата се следи од надлежните служби.

– Во Дебар, реката Радика има зголемен водостој, но без опасност од излевање. Патните правци се проодни, со појава на помали одрони кои редовно се расчистуваат.

– Во Кичево, водостоите на Зајашка река и реката Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е состанок на Општинскиот кризен штаб за натамошни активности.

Битолско-пелагониски регион

– Во Демир Хисар, поради оштетување на мост на Боишка река, локалниот пат за с. Мренога е затворен за сообраќај.

Реките се вратени во коритата, освен река Црна во атарот на селата Жван и Единаковци, каде се уште има излевање и поплавени земјоделски површини.

– Во Битола, состојбата е нормализирана, а водата постепено се повлекува од зафатените површини. Нивото на река Црна кај Новаци изнесува 320 см.

– Во Ресен, поплавените земјоделски површини се во фаза на повлекување на водата, а во тек се интервенции за расчистување на коритото на Голема Река.