Интер и Наполи одиграа 2:2 во големото италијанско дерби кое се одигра вчеравечер во Милано, а во најавата за истото, „Кориере дело Спорт“ објави целосен разговор направен со Горан Пандев, човек кој испиша историја како член на шампионскиот тим на „нераѕурите“.
Пандев секогаш ќе има посебно место во историјата на Интер и неговите зборови привлекуваат доста внимание во италијанската јавност, па затоа доста популарна е неговата изјава, односно компарација која ја направи за методите на Симоне Инѕаги и актуелните на Кристијан Киву.
– Киву е човек кој добро ја познава околината и се што се случува околу Интер. Знаев дека тимот ќе се опорави по тешкиот крај на минатата сезона. Новиот тренер влезе мирно и тивко, но донесе нов метод кој се покажува како успешен.
– Инѕаги имаше свои 13 играчи и ги користеше само нив, се потпираше само на нив. За разлика од него, Киву има многу поинаков начин на гледање на фудбалот. Тој смета на сите, ги активира сите играчи. Зиелински е одличен пример за тоа како може да се промени ситуацијата со друг тренер. Киву беше дел од големи соблекувални во текот на играчката кариера, беше трениран од најдобрите тренери и чувствува дека во фудбалот треба да биде вклучена целата група.
– Очекував ваков развој на настаните со Киву, тој е интелигентна личност и опкружен од вистински луѓе околу себе. Кристијан е човек кој никогаш не плаче и навистина ми се допаѓа и неговата комуникација со медиумите. Тој може да ги промени лошите комуникациски навики кои ги имаат дел од неговите колеги, – потенцира Пандев.






