На листата на 100 најбогати луѓе во регионот, која ја состави „Nedeljnik“, првите две места ги заземаат државјани на Србија, додека на третото место се наоѓа бизнисмен од Хрватска. На листата на 100 најбогати има и четворица Црногорци, но и две личности кои не доаѓаат од светот на бизнисот.
На листата на „Nedeljnik“ вкупно се наоѓаат 20 милијардери, а на врвот е сопственикот на „Delta holding“, Мирослав Мишковиќ, чие богатство е проценето на 3.011.403.812 евра.
Второто место го зазема семејството Костиќ, сопственици на „MK grupa“, со богатство од 2.918.891.445 евра, додека на третото место е Хрватот Силвио Кутиќ („Infobip“), со богатство проценето на 2.524.942.253 евра.
Меѓу српските милијардери се издвојуваат и сопствениците на „Mozzart“, Дејан Чакајац и Јадранка Степановиќ, со богатство нешто поголемо од две милијарди евра. На петтото место на листата се наоѓа Петар Матијевиќ, сопственик на „Matijević“, чие богатство е проценето на 1.794.545.863 евра.
Филип Цептер се наоѓа на 12-то место меѓу најбогатите луѓе во регионот, со богатство проценето на помалку од 1,5 милијарди евра. Веднаш зад него, на 13-то место, се сопствениците на „Sportvision“, Борислав и Драган Станојловиќ, чие богатство се проценува на околу 1,367 милијарди евра.
Повеќе од една милијарда евра во Србија имаат и Љубиша Крстајиќ, сопственик на „Karisma group“, сопствениците на „NELT“, Небојша Шапоњиќ и Ранко Сочанац, како и Драган Шолак, Богољуб Кариќ и Небојша Шарановиќ, сопственик на „KAPPA Star“.
На листата на најбогати во регионот се најдоа и бизнисмени блиски до власта, за кои „Forbes Srbija“ пишуваше како за новата српска бизнис-елита. Тука се сопствениците на „Millenium team“, Иван Бошњак и Стојан Вујко, Драгољуб Збиљиќ, сопственик на „Energotehnika Južna Bačka“, Давор Мацура, сопственик на „Alta grupa“, како и Мирољуб Алексиќ, кој иако важи за финансиер на СНС, останува под радарот на пошироката јавност.
Сопственикот на „Pink“, Жељко Митровиќ, се наоѓа на 52-то место на листата, со богатство проценето на 591,7 милиони евра.
Меѓу бизнисмените на листата се најдоа и спортисти. Тенисерот Новак Ѓоковиќ, со проценето богатство од 455 милиони евра, го зазеде 65-то место. Кошаркарот Никола Јокиќ е на 74-то место со 385 милиони евра.

Според оваа листа, најбогат Хрват е Силвио Кутиќ, сопственик на „Infobip“, со богатство од 2.524.942.253 евра. По него следи Мате Римац, со речиси една милијарда евра помалку.
Меѓу најбогатите луѓе во регионот се најдоа и четворица Црногорци. Најбогат во Црна Гора е Иван Убовиќ, сопственик на „Bemax“, со богатство од околу 431 милион евра. Веднаш зад него е сопственикот на „Voli“, Драган Бокан, чие богатство се проценува на 421 милион евра. На листата се и Комнен Лаковиќ, сопственик на „Hard Discount Laković“, како и сопственикот на „KIPS“, Ристо Дрекаловиќ.
Најбогат човек во Босна и Херцеговина е Сенад Џамбиќ, со богатство нешто поголемо од една милијарда евра. Џамбиќ е сопственик на „Bingo grupacija“ и со своето богатство го зазеде 21-то место на листата.
Најбогат во Македонија е Живко Мукеатов на 31-то место на листата, чие богатство од 892 милиони евра почива на сопствеништвото над познатата фармацевтска компанија „Alkaloid“, а во првите 50 се најдоа и Илија Гечев (IGM Trade) со 677 милиони евра и Андреја Јосифовски (Makpetrol) со 662 милиони евра.
Листата на 100 најбогати луѓе во регионот ја составија експерти од две реномирани консултантски компании кои работат на њујоршката берза. Тие користеле релевантни мултипликатори на „Stern School of Business“, „New York University“ (и компаративни компании), а во анализата биле вклучени и резултатите од пазарни трансакции во регионот и во светот.