„Barnes Global Property Handbook 2025“ ја прогласи шпанската престолнина за најпосакувана дестинација за вложување во луксузни недвижнини, пред Дубаи, Мајами и Монако.
Шпанија повторно е во центарот на глобалното внимание, но овој пат не поради модата, гастрономијата или ноќниот живот.
Најновиот „Barnes Global Property Handbook 2025“ испраќа јасна порака: срцето на пазарот на луксузни недвижнини денес чука во Мадрид. Дискретно, елегантно и самоуверено, шпанската престолнина го зазеде првото место, оставајќи зад себе адреси како Дубаи, Мајами или Монако.

Во овогодишниот извештај, Мадрид скокна дури три позиции и го изненади пазарот со совршениот баланс меѓу деловните можности и квалитетот на живот. Токму таа комбинација – силна меѓународна деловна сцена, високо ниво на безбедност, пријатна клима и исклучително развиена инфраструктура – го позиционираше градот како нова „safe haven“ дестинација за глобалната елита. На сето тоа додадете богата културна понуда, врвна гастрономија и космополитски дух, и ќе добиете град кој не освојува гласно, туку долгорочно, пишува „Luxlife“.
Кога станува збор за адресите што го диктираат престижот, фокусот е јасно дефиниран. Саламанка, Хустиција, Чамбери, Чамартин и Кортес важат за најпосакуваните квартови, каде што цените достигнуваат и до 13.000 евра по квадратен метар. Особено се издвојува Кортес, кој за само една година забележа раст на вредноста од импресивни 30 проценти – бројка што доволно зборува за побарувачката и инвестицискиот потенцијал.

Зад Мадрид, но овојпат во сенка, се најдоа Дубаи и Мајами, а потоа следуваат Монако, Милано и Париз. Првите десет ги заокружуваат Њујорк, Лондон, Рим и американскиот Остин, кој сè почесто се појавува на мапата на луксузните инвестиции. Интересно е што ниту еден град од регионот не се најде на листата, што дополнително ја нагласува доминацијата на западноевропските метрополи.
Годината 2025 јасно покажува дека Европа не само што држи чекор со „помладите“ пазари, туку во софистицираност, стабилност и долгорочна вредност – убедливо ги надминува. А Мадрид? Тој не ја бара титулата на најгласен град на луксузот. Доволно му е да биде – најпосакуваниот.