На „Богородица“ откриени службени пиштоли украдени од обезбедувањето на ЈП „Паркови и зеленило“

Макфакс

16/01/2026

17:46

351

Големина на фонт

а а а

Девет службени пиштоли биле украдени на 5 јануари од просториите на ЈП „Паркови и зеленило“ во Скопје. Оружјето е пронајдено во автомобил „Шкода октавија“ сопственост на правно лице од Прилеп при царинска контрола на граничниот премин „Богородица“.

Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против жител на Прилеп кој на 14 јануари го изнајмил возилото од компанијата и со него се обидел преку граница да ги пренесе полуавтоматските пиштоли, скриени во фабричкиот простор помеѓу лимот и тапацирот на автомобилот.

По сериските броеви е утврдено дека станува збор за оружјето кое претходно било украдено од службените простории на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје и регистрирано како службено оружје на обезбедувањето во скопското претпријатие.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.