[ВИДЕО] Поплави во Австралија, евакуации во Сиднеј

Макфакс

18/01/2026

09:37

519

Големина на фонт

а а а

Австралиските власти соопштија дека 20 лица се спасени од надојдени води во источната сојузна држава Нов Јужен Велс, поради обилните дождови што предизвикаа поплави. Во Сиднеј, главниот град на државата, доцна во саботата беше извршена евакуација на жители и туристи од ниското предградие Нарабин.

Екипите за итни интервенции реагирале на повеќе од 1400 пријави низ државата откако дождот започнал во саботата. Најголем дел од интервенциите се однесувале на спасување луѓе кои се обиделе да возат низ поплавени улици.

„Имаше голем број ненадејни поплави што предизвикаа затворање на патишта, и очекуваме некои од нив да останат затворени до понатамошно известување“, изјави заменичката комесарка за итни служби Соња Ојстон.

Властите предупредија на можни дополнителни бури јужно од Сиднеј во недела. Државната метеоролошка служба соопшти дека 72,4 милиметри дожд наврнале во северниот дел на градот во рок од два часа.

Една жена загина кога врз неа паднала гранка од дрво за време на невремето во близина на Волонгонг, околу 66 километри јужно од Сиднеј, јави јавниот сервис „Еј-би-си“.