Поранешниот шеф на НАТО: Освојувањето на Гренланд би значело крај на светскиот поредок

Макфакс

18/01/2026

14:00

430

Големина на фонт

а а а

Насилното преземање на Гренланд од страна на САД би значело „крај на светскиот поредок каков што го познаваме“, изјави поранешниот генерален секретар на НАТО и поранешен дански премиер Андерс Фог Расмусен, пренесува „Фајненшел тајмс“.

Расмусен го спореди јазикот што го користи Доналд Трамп за Гренланд со јазикот на „гангстери“ во Русија и Кина, кои САД, според него, би требало да се обидат да ги контролираат.

„За мене тоа беше болен процес. Од детството ги сметав САД за природен водач на слободниот свет. Дури зборував за САД како за светски полицаец“, изјави Расмусен, кој испратил дански трупи да се борат заедно со САД во Авганистан.

„Сега гледаме дека САД користат јазик што е прилично сличен на гангстерите што треба да ги контролираат – во Москва, Пекинг итн.“, додаде тој.

Расмусен исто така предупреди дека ваквите поделби на Запад му одат во прилог на Кремљ.

„Убеден сум дека Москва се надева Гренланд да стане санта мраз што ќе го потопи НАТО“, рече тој, заклучувајќи: „Значи, ова е прашање што оди подалеку од Данска и Гренланд… Освојувањето на Гренланд би било крај на светскиот поредок каков што го познаваме.“