Бабиш: Купив прекрасен голем глобус и сега знам зошто Гренланд е толку важен за Трамп

Макфакс

20/01/2026

11:44

243

Големина на фонт

а а а

Чешкиот премиер Андреј Бабиш изјави по владината седница дека купил глобус за подобро да се запознае со географската положба на Гренланд, остров кој е во центарот на зголемените геополитички тензии во последните недели.

Како што изјави, токму поради положбата на Гренланд, сега ги разбира безбедносните аргументи што ги презентираше претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.

Бабиш рече дека во случај на напад врз САД, руските ракети „Орешник“ ќе прелетаат над Гренланд на пат кон Белата куќа, поради што верува дека прашањето за иднината на островот не може да се игнорира. „Ги разбирам аргументите на претседателот Трамп и верувам дека е потребно да се постигне договор за иднината на Гренланд“, рече чешкиот премиер.

Одговарајќи на новинарско прашање дали Чешка ќе се придружи на заедничката изјава на европските земји во која се предупредуваше за можни американски царини, Бабиш истакна дека ги гледа САД како клучен лидер во рамките на НАТО алијансата. „Не можам да го кажам тоа. Ние велиме дека во рамките на НАТО, САД се лидер. Овие конфликти се контрапродуктивни и мора да постигнеме договор“, рече тој.

Бабиш објасни дека го купил глобусот за, како што рече, подобро да се справи со сегашната ситуација.

„Прекрасен, голем, за 15.000 круни (околу 620 евра) за да можам точно да видам каде е Гренланд. „Орешник“ би летал од Русија до Белата куќа за 26 минути, а во единаесеттата минута би бил веднаш над Гренланд. Значи, аргументите на претседателот Трамп за Кина и Русија се релевантни. Едноставно мора да се договориме. Сите повици или декларации се бесмислени“, додаде тој.

Геополитичкиот спор околу Гренланд дополнително се засили од почетокот на годината, откако Трамп постојано истакнуваше дека САД, од безбедносни причини, мора да ја преземат контролата врз островот богат со минерали. Американскиот претседател тврди дека руските и кинеските бродови се повеќе се појавуваат во водите околу Гренланд и дека, доколку САД не дејствуваат, островот би можел да падне под влијание на Москва или Пекинг.

Поради ова, Трамп изрази намера САД да го купат Гренланд од Данска, а во саботата најави и зголемување на увозните давачки од 1 февруари за осум земји кои се противат на таа идеја. Меѓу нив се Данска, Шведска, Франција, Германија, Холандија, Финска, Велика Британија и Норвешка.