Ноќта меѓу понеделник и вторник (19–20 јануари) делови од Европа и САД беа осветлени од поларната светлина, како последица на интензивна соларна активност.
Во истиот бран настани, аурора бореалис (поларна светлина) беше забележана и над Македонија, каде што е фотографирана под северното небо во регионот на Охридското Езеро, а фотографијата е дело на Стојан Стојановски, кој успеал да го овековечи овој исклучително редок момент за нашите географски широчини.
Според податоци наведени од американскиот „Space Weather Prediction Center“ (SWPC), станува збор за соларна радијациска бура од јачина S4 (четврто ниво од пет) – најсилна од ваков тип во повеќе од 20 години. Последен пат бура со ваков интензитет била забележана во октомври 2003 година..
Што ја предизвика појавата?
Зголемената активност е поврзана со силна геомагнетна бура и процеси како коронални исфрлања на маса односно силни експлозии на плазма и магнетни полиња од атмосферата на Сонцето, како и соларен блесок од Х-класа – најинтензивната категорија соларни ерупции. При вакви услови, наелектризираните честички влегуваат во интеракција со магнетното поле и атмосферата на Земјата, создавајќи светлосни појави во нијанси на зелена, виолетова, розова или црвена боја.
Зошто е ова ретко за Македонија?
Поларната светлина најчесто се гледа во близина на Арктичкиот и Антарктичкиот круг, но при силни соларни бури може да стане видлива и значително појужно – што ја прави појавата над Македонија исклучително ретка и особено впечатлива.
Потенцијални последици од бурата
„SWPC“ предупредува дека вакви настани можат да предизвикаат:
• нарушувања во работата на сателити,
• намалена прецизност на GPS,
• проблеми во авио-сообраќајот, особено на поларни рути,
• и ризици за електроенергетски мрежи поради геомагнетните ефекти.













