Запознајте ја „Aria“, модуларно електрично возило што корисниците можат самостојно да го поправат. Го изработиле студенти од „Технолошкиот универзитет во Ајндховен“, а возилото е дизајнирано да биде едноставно и пристапно.
Централниот дел на концепт-автомобилот е дијагностички систем кој им овозможува на корисниците сами да ги идентификуваат и решат проблемите.
„Со дијагностичката апликација што ја развивме, автомобилот може едноставно да се поврзе со телефон преку USB-C кабел. Системот многу брзо препознава дека е поврзан, а апликацијата врши дијагноза на системот. Овде, на пример, може да се види дека педалата за гас моментално не реагира. Врз основа на тоа знаеме како да го поправиме дефектот и кои алатки ни се потребни“, истакнува Марк Макс Хувенарс, главен софтверски инженер на проектот „Aria“.

Возилото има и голема кутија со алати сместена во предниот багажник, со што на возачите им се овозможува поправка на самото место. Дијагностичката апликација оди чекор понатаму од обично откривање дефекти, визуелно водејќи ги корисниците до проблематичната област.
„Овде, во 3D приказ, има црвена точка која ќе ви покаже каде точно на автомобилот се наоѓа компонентата што е расипана.“
Целта на тимот е да ја намали зависноста од специјализирани и често скапи сервиси за поправка.

Пристапноста до батериите е клучен предизвик кај повеќето електрични возила, каде што батериските системи најчесто се целосно интегрирани во платформата и до нив можат да пристапат само овластени техничари. „Aria“, пак, има модуларен батериски систем составен од четири одделни батериски единици.
Погонскиот склоп ја следи истата модуларна филозофија, а и надворешните компоненти се дизајнирани за брза замена.

„Утврдивме дека сопствениците би имале најмногу корист од можноста за лесна замена на браниците и крилата во случај на оштетување, или едноставно за пристап до внатрешните компоненти. За да ја постигнеме оваа брза заменливост, интегриравме надворешни клинови со посебен клуч што може да се вметне, да се заврти за 90 степени и потоа да се извлече. Така, за неколку минути е можно да се отстрани целата каросерија без никаков специјализиран алат“, објаснува дизајнерката на концепт-возилото „Aria“, Петра Добијаш.
Од дијагностиката до погонскиот склоп, студентите кои стојат зад „Aria“ веруваат дека модуларноста би можела да го редефинира начинот на кој електричните возила се поседуваат и одржуваат.











