Студија што траела 30 години открива која комбинација на тренинг го продолжува животот

Точка

22/01/2026

23:01

473

Големина на фонт

а а а

Наместо фокусирање само на еден вид физичка активност, комбинирањето различни тренинзи во текот на неделата е клучно за подобро здравје и подолг живот, покажува нова долгорочна студија.

Истражувачите во период од 30 години ги следеле неделните навики за вежбање на повеќе од 110.000 мажи и жени во САД. Резултатите покажале дека лицата кои се занимавале со разновидни физички активности имале 19 проценти помала веројатност да починат во тој период во споредба со оние кои се придржувале само до еден вид вежбање.

Како што наведуваат авторите на истражувањето, секоја физичка активност носи различни придобивки за организмот. Како пример се наведува искуството на Мади Олбон, 29-годишна маркетинг-менаџерка од Лондон, која се занимава со триатлон, но редовно тренира и тенис, спин, јога, пилатес и кревање тегови.

„Секој различен вид вежбање нуди нешто поинакво. Потребна е разновидност за да бидете добри во еден спорт – ако сакате да бидете добри во трчање, мора да работите и тренинг на сила“, изјавила таа.


Освен физичките придобивки, таа го истакнува и значајното влијание на комбинирањето активности врз менталното здравје.

„Понекогаш немам енергија за интензивен тренинг, па јогата за опуштање и смирување навистина ми помага за менталната благосостојба. Убаво е да имате различни опции за активирање на телото и да си посветите време на себе во текот на денот“, рекла таа.

Експертите потсетуваат дека одамна е познато дека редовната физичка активност го намалува ризикот од болести на срцето, крвните садови и белите дробови, како и од предвремена смрт предизвикана од одредени видови рак.


„Важно е да се одржува висок вкупен степен на физичка активност, а истовремено да се диверзифицираат видовите вежбање, бидејќи тоа може да донесе дополнителни здравствени придобивки“, изјавил д-р Јанг Ху од „Harvard School of Public Health“, водечки автор на студијата објавена во списанието „BMJ Medicine“.

Според неговите зборови, комбинирањето тренинг на сила и аеробни активностинн се покажало како особено корисно.

Во истражувањето учествувале повеќе од 70.000 медицински сестри на возраст од 30 до 55 години и околу 40.000 здравствени работници на возраст од 40 до 75 години. Учесниците на секои две години пополнувале прашалници за своите неделни физички активности, вклучувајќи одење, трчање, возење велосипед, пливање, тенис, тренинг на сила и јога.


Анализата на податоците покажала дека, иако повеќето поединечни вежби го намалуваат ризикот од смрт, најдобри резултати биле забележани кај лицата кои комбинирале најширок спектар активности. Кај нив ризикот од смрт поради рак, срцеви заболувања, белодробни болести и други причини бил помал за 13 до 41 процент.

Студијата исто така утврдила дека оптималната количина физичка активност изнесува околу шест часа умерено или три часа интензивно вежбање неделно, по што дополнителните придобивки во голема мера се изедначуваат.

Авторите наведуваат дека истражувањето има и одредени ограничувања, бидејќи не е можно целосно да се исклучи влијанието на претходната здравствена состојба на учесниците врз нивната способност за вежбање, иако во анализата биле земени предвид бројни фактори на животниот стил.