Отидоа на плажа, а таму затекнаа нешто што тотално ги шокираше: „Никогаш не сме виделе вакво нешто“

Точка

23/01/2026

19:32

975

Големина на фонт

а а а

Плажа во Англија исчезна под покривка од помфрит и кромид, откако контејнерски брод на почетокот на овој месец изгубил дел од товарот.

Акцијата за чистење започна во вторник долж брегот на Источен Сасекс, во југоисточна Англија, откако контејнери од два товарни брода завршиле во морето за време на бури кон крајот на минатата и почетокот на оваа година, соопшти локалниот окружен совет.

Жителот на туристичкото место Истборн, Џоел Боничи, изјави за „CNN“ во понеделникот дека верува оти кромидот почнал да се појавува на брегот во средата минатата недела, а некои жители отишле да помогнат во собирањето на пластичните кеси во кои бил спакуван.

Боничи раскажа дека тој и неговата партнерка Триша во саботата планинареле за да ги видат фоките кај Фолинг Сендс. „Како и сите што помагаа, по пат ги собиравме преостанатите вреќи со кромид.“ „Не очекувавме дека зад аголот ќе видиме нова сцена: помфрит и кеси со чипс што се протегаат по плажата кон светилникот“, рече тој. „Од далечина ќе помислевте дека плажата е покриена со жолт песок каков што би виделе на тропски остров“, продолжи Боничи.

„Веднаш и двајцата решивме дека пешачењето завршува и дека ќе ги поминеме следните неколку часа чистејќи што е можно повеќе кеси, сè додека не се стемни премногу за да продолжиме. И други семејства го правеа истото и беше убаво да се види како луѓето се здружуваат за животната средина“, додаде тој.

„Илјадници кеси“

Еколошката група „Plastic Free Eastbourne“ во неделата повика повеќе волонтери преку објава на „Facebook“, во која го опиша „хаосот од бродски контејнер од кој се истуриле илјадници кеси со компири и кромид по целиот овој чувствителен дел од земјиштето“. „Фоките и другите морски организми често ја мешаат пластиката со храна, особено пластичните кеси кои во вода можат да изгледаат како медузи“, порачаа од групата, додавајќи: „Пластичното загадување е сериозна закана за океанот.“

„Жалосно е што толку многу пластично загадување се наоѓа само неколку метри од колонијата фоки, во која има од 20 до 30 единки“, рече Боничи. „Во неделата бевме пресреќни што толку многу мештани се одзваа и дојдоа да помогнат. Исчистивме многу, но сè уште има работа“, додаде тој, предупредувајќи ги оние што сакаат да помогнат да го избегнуваат времето на плима.

Пластичната амбалажа од помфритот што испливала на брегот „во најголем дел е отстранета благодарение на напорите на волонтерите“, изјави во понеделникот за „CNN“ портпарол на општинскиот совет на Истборн. „Им благодариме на бројните посветени волонтери кои напорно работеа изминативе денови за да помогнат во чистењето на отпадот од нашите плажи“, додадоа од советот.


И други блиски плажи се преплавени со остатоци од последното превртување на товарот. „Вчера собравме 1,9 тони отпад од плажата, што е речиси четири пати повеќе отколку што обично собираме во овој период од годината“, објави градскиот совет на Брајтон и Хоув на „Facebook“ во петокот.

Компанијата за спасување товар „Brand Marine“ изјави за „CNN“ во понеделникот дека спроведува операции за извлекување во име на сопственикот на контејнерскиот брод "Lombok Strait", кој за време на бура на 8 јануари изгубил 17 ладилни контејнери со храна. „Компанијата тесно соработува со локалните власти и Крајбрежната стража на Обединетото Кралство во процесот на лоцирање и извлекување на контејнерите“, се наведува во соопштението.