Руски дрон погоди автомобил кај Харков: три лица загинаа

Макфакс

23/01/2026

19:02

196

Големина на фонт

а а а

Во руски напад врз цивилно возило во близина на селото Прудијанка во Харковската област во петокот загинаа три лица, а четворица беа повредени. Веста ја објави на социјалните мрежи Олех Синехубов, началник на Воената администрација на Харковската област, пренесува „Украинска правда“.

Синехубов првично пријави два смртни случаи.

„Руската војска изврши напад со беспилотно летало врз цивилно возило во близина на селото Прудијанка во Харковската област. Две лица беа убиени во непријателскиот напад“, рече тој.

Додаде дека уште четири жени се повредени и се однесени во болница и добиваат потребна медицинска помош. Подоцна потврди дека уште една жена им подлегнала на повредите. „Лекарите се бореа за нејзиниот живот до самиот крај“, напиша Синехубов.

Воената администрација на Харковската област, исто така, објави дека седум населби во регионот биле под руски оган во последните 24 часа, при што пет лица биле ранети.