Додека во поголемиот дел од Европа минатата година најпродаван автомобил беше „Dacia Sandero“, во една мала европска држава пазарот функционира сосема поинаку. Во Андора, богато кнежевство сместено меѓу Франција и Шпанија, „Porsche 911“ беше најпродаваниот нов автомобил во текот на 2025 година.
На прв поглед, оваа информација изгледа како статистичка грешка, но всушност совршено ги отсликува специфичностите на андорскиот пазар. Во текот на 2025 година во таа земја беа регистрирани 86 нови примероци од моделот 911, што беше доволно овој спортски автомобил да го задржи првото место на листата на продажба втора година по ред. Во однос на претходната година, продажбата дополнително порасна за 16 отсто.
Контрастот станува уште поизразен кога се гледа остатокот од пазарот. Зад „Porsche 911“ се наоѓаат далеку порационални автомобили, како градски и компактни кросовери, што јасно покажува дека андорскиот пазар практично се дели на два света. Од една страна се автомобилите за секојдневна употреба, а од друга луксузните и спортските модели, кои во големите европски држави ретко доаѓаат на врвот на продажните листи.

Вкупно, во Андора во текот на 2025 година беа регистрирани 2.511 нови патнички автомобили, што претставува раст од околу 18 отсто во однос на претходната година. Таквиот раст дополнително нагласува колку пазарот е стабилен и куповно моќен, и покрај малата популација.
Клучна улога во целата приказна има даночниот систем. Андора е позната по исклучително ниски давачки, со ДДВ од 4,5 отсто и данок на доход и добивка кој не надминува 10 отсто. Во такви услови, автомобилите кои во остатокот од Европа се оптоварени со високи даноци и давачки стануваат значително подостапни, барем за купувачите со доволно „длабоки џебови“.

Интересно е и тоа што, и покрај доминацијата на моделот 911, „Porsche“ како бренд бележи пад на вкупната продажба од 24 отсто. Тоа јасно покажува дека не станува збор за широк успех на целата понуда, туку за исклучително фокусирана популарност на еден модел. Истовремено, „BMW“ беше најпродаваната марка во Андора, благодарение на силната побарувачка за спортските верзии на своите модели.
Примерот на Андора најдобро покажува колку автомобилскиот пазар може да се разликува од земја до земја. Додека во поголемиот дел од Европа се бара што поповолен и попрактичен автомобил, во ова мала кнежевство спортска икона како што е „Porsche 911“ без проблем се искачува на врвот на продажбата.













