[ВИДЕО] Зејн Малик ги искоментира цените на влезниците за турнејата на Хари Стајлс

Точка

30/01/2026

16:21

673

Големина на фонт

а а а

Долгогодишните гласини за нарушените односи меѓу Зејн Малик и неговите поранешни колеги од групата „Уан Дајрекшн“ повторно излегоа во преден план. Овојпат, во фокусот се најде Хари Стајлс, поради најавата на неговата нова светска турнеја и високите цени на влезниците, кои предизвикаа бурни реакции кај обожавателите.

Стајлс кон крајот на јануари преку Инстаграм ја објави новата турнеја и претстојниот албум, по што започна продажбата на билети за концертите, вклучувајќи и рекордни 12 настапи во Лондон. Цените на влезниците се движеа од околу 50 евра, па сè до над 450 евра за седечки места. Билетите за стоење чинеа меѓу 166 и 322 евра, додека таканаречените ВИП-пакети достигнуваа суми повисоки од 800 евра.

Токму овие цени беа причина Зејн Малик, за време на сопствениот настап во Лас Вегас, суптилно да искоментира дека се надева оти „влезниците не биле прескапи“. Многумина оваа изјава ја протолкуваа како директна критика упатена кон Стајлс.




Во меѓувреме, бројни обожаватели јавно го изразија своето незадоволство, опишувајќи ги цените како „безосетни“ и „искористувачки“, наведувајќи дека таквите износи се превисоки за голем дел од публиката.

Критиките продолжија и откако Стајлс најави дека ќе донира по едно евро од секоја продадена влезница во фонд за поддршка на млади музичари и помали концертни простори. Дел од јавноста оцени дека оваа донација не е доволна во споредба со високите цени на билетите.

Стајлс засега јавно не се осврна на коментарите на Малик, но нивниот однос со години го привлекува вниманието на јавноста. По заминувањето на Малик од „Уан Дајрекшн“ во 2015 година, односите меѓу членовите на групата, според медиумите, биле напнати, со повремени јавни препукувања. Сепак, нивното заедничко појавување на погребот на Лијам Пејн во 2024 година навести дека барем делумно ги надминале несогласувањата.