Во 2025 поднесени 213 кривични пријави до ОЈО и ОЈО ГОКК, штета врз Буџетот од 102 милиони денари, соопшти Царинската управа

Точка

04/02/2026

12:15

115

Големина на фонт

а а а

Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги минатата година поднесе вкупно 213 кривични пријави против 443 физички и 160 правни лица до Основното Јавно Обвинителство и Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Притоа, во 196 случаи е утврдена штета врз Буџетот од 102 милиони денари, соопшти Царнската управа.

Бројот на поднесени кривични пријави, додаваат од таму, е зголемен за повеќе од двојно споредбено со 2024 година, кога бeше поднесена 91 кривична пријава, при што најголем дел од поднесените кривични пријави, дури 80 проценти, беа евидентирани од октомври.

„За неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги се спроведени истраги и поднесени се седум кривични пријави, за криумчарење 40 кривични пријави, за царинска измама 39 кривични пријави, за фалсификување исправа 85 кривични пријави, а за недозволено тргување со оружје поднесени се седум кривични пријави. Поднесени се и кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овластување, вршење меѓународен јавен превоз без поседување лиценца, како и за избегнување плаќање акциза. Дури 103 од поднесените кривични пријави се поднесени за сторени кривични дела со 232 возила.

Во текот на предистражните дејствија од страна на службата против економски криминал при проверка на докази за потекло, до странски служби испратени се 450 барања, при што во 223 случаи е утврдено дека доказите за потекло се невалидни. Со странски служби извршена е и 71 проверка на увозни фактури. Дополнително од страна на службата за финансиски истраги отворени се 15 финансиски истраги против 19 физички и девет правни лица, при што целта е детекција и конфискација на нелегално стекнат имот, а со тоа и дестабилизација на криминалните групи.

Царинската управа продолжува со спроведување засилени контроли и истраги со цел ефикасна борба против криминалот и заштита на финансиските интереси на државата“.