Орбан врши притисок, ЈАНАФ возвраќа: Снабдување има, но само според санкциите на ЕУ и САД

Макфакс

27/02/2026

18:35

271

Големина на фонт

а а а

Откако унгарскиот премиер Виктор Орбан го заостри притисокот врз Хрватска поради транспортот на руска нафта кон Унгарија, Европската комисија порача дека за спроведувањето на санкциите се одговорни земјите членки. Набргу потоа се огласи и Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ), кој ги отфрли ултиматумите и порача дека работи во согласност со правилата на Европската унија и Соединетите Американски Држави.

МОЛ вчера побара од ЈАНАФ гаранција дека ќе овозможи транспорт на руска сурова нафта што не е под санкции и која во Унгарија пристигнува по морски пат, со предупредување дека во спротивно ќе бара правна и финансиска одговорност. Европската комисија денеска соопшти дека спроведувањето на санкциите е во надлежност на земјите членки, пишува „Индекс.хр“.

ЈАНАФ: Одлуките не се носат под притисок

Реагирајќи на ултиматумот, од ЈАНАФ порачаа дека разговорите меѓу партнери и сојузници се водат „пристојно, аргументирано и врз основа на факти“.

„Во врска со ултиматумите упатени до ЈАНАФ, сметаме дека е важно да се соопшти дека разговорите меѓу партнери и сојузници се водат пристојно, аргументирано и врз основа на факти“, наведуваат тие.

Истакнуваат дека ЈАНАФ работи одговорно и целосно во согласност со важечките санкциски режими на Европската унија и Соединетите Американски Држави.

„Безбедноста на снабдувањето на Унгарија и Словачка не е загрозена. Рутата преку ЈАНАФ постои, веќе се користи и има доволни капацитети да ги покрие нивните потреби за нафта. Тоа го потврдува и самата Унгарија, која денес бара целосен транспорт преку ЈАНАФ, иако неодамна неосновано тврдеше дека таков капацитет не постои“, соопштуваат од компанијата.

Додаваат дека минатата и оваа недела за унгарскиот МОЛ веќе се транспортирани значителни количини нафта што не се опфатени со санкциски ограничувања, како и дека до почетокот на април се очекуваат уште седум танкери за истиот корисник на нафтоводниот систем на ЈАНАФ.

Снабдување можно, но со строга примена на санкциите

„Хрватската енергетска инфраструктура е подготвена, сигурна и достапна за снабдување што е усогласено со правилата на ЕУ и OFAC“, наведуваат од ЈАНАФ.

Како пример ја наведуваат снабдувањето на српската компанија НИС, каде партнерите, како што посочуваат, заеднички ги исполнуваат строгите санкциски критериуми за да обезбедат потребни продолжувања и континуитет на снабдувањето во рамки на важечките правила.

Во тој контекст очекуваат одлуките за набавка и транспорт кон Унгарија и Словачка да се носат врз основа на законитост и усогласеност со санкциите, а не под притисоци или ултиматуми.

„Доколку постојат барања што се однесуваат на нафта од руско потекло или на субјекти поврзани со Русија, тие можат да се разгледуваат исклучиво во строгата рамка на санкциските критериуми на ЕУ и OFAC, со целосна правна проверка, јасна одговорност и максимална транспарентност“, наведуваат.

Во заклучокот истакнуваат дека Хрватска не одбива снабдување ниту ја политизира енергијата. „Хрватска и ЈАНАФ овозможуваат снабдување во согласност со прописите, доследно применувајќи ги санкциите на ЕУ и САД“, наведуваат тие.

Комисијата: Земјите членки одлучуваат за спроведувањето на санкциите

Портпаролката на Европската комисија, Ана-Каиса Итконен, претходно изјави дека за спроведувањето и примената на санкциите се одговорни земјите членки. „Основното начело е дека за спроведувањето и примената на санкциите се одговорни земјите членки“, рече таа, одговарајќи на прашањето дали Хрватска може да испорачува руска нафта преку ЈАНАФ.

Европската унија во јуни 2022 година, во рамки на шестиот пакет санкции, го забрани увозот на руска нафта по морски пат. Унгарија, Словачка и Чешка добија привремено изземање како земји без излез на море, во случај испораката преку нафтовод да не е можна.

Нафтоводот „Дружба“ беше оштетен кон крајот на јануари во руски напад со дронови, по што дотокот на нафта беше прекинат, а спорот околу алтернативните рути дополнително се заостри.