[ФОТО] Новиот „VW“ SUV за Кина изгледа како огромен таблет на тркала

Точка

04/03/2026

10:57

653

Големина на фонт

а а а

„Volkswagen ID. Era 9X“ носи екрани од 15,6 инчи и бензински мотор за продолжување на дометот.

„Volkswagen“ со моделот „ID. Era 9X“ направи голем пресврт во однос на досегашните ентериери.

Додека во Европа најавува враќање на физичките копчиња со идниот „ID. 2“, кинескиот пазар добива сосема поинаква филозофија – кабина претворена во дигитален кокпит.

Шефот на „VW“ за Кина, Ралф Брандштетер, претходно изјави дека кинеските купувачи сакаат возила со концепт „AI-first“, напредна поврзаност, гласовно управување и паметни кокпити. Токму тоа го нуди „ID. Era 9X“.


Кабина како технолошки салон

Овој огромен SUV со три реда седишта и шест места за патници речиси и да нема класични команди.

Централниот дел од контролната табла го сочинува двоен екран од по 15,6 инчи, додека од таванот се спушта дополнителен екран од 21,4 инчи за патниците на задните седишта.

Во вториот ред се наоѓаат посебни „капетански“ седишта со команди во вратите за мултимедијална содржина.

Класичната инструмент-табла е заменета со „head-up“ дисплеј, а ентериерот е збогатен со LED амбиентално осветлување со вкупна должина од 12,8 метри.

Подот е целосно рамен, бидејќи станува збор за електричен модел.


Првиот „VW“ со бензински продолжувач на дометот

„ID. Era 9X“ е првиот сериски „VW“ со технологија за продолжување на дометот.

Во соработка со компанијата „SAIC Volkswagen“ започна производството на 1,5-литарски турбобензински мотор од семејството „EA211“ со 141 коњска сила. Моторот работи така што односот воздух – гориво е идеалните 14,7:1, со цел поголема ефикасност и пониски емисии.

Слична цел има и „Mazda“ со новиот мотор „Skyactiv-Z“ кој пристигнува во „CX-5“, додека „Porsche“ во системот „T-Hybrid“ исто така го оптимизира односот на смесата.


Димензии и перформанси

SUV моделот е долг 5.207 мм, со ширина од 1.997 мм и висина од 1.810 мм, додека меѓуосовинското растојание изнесува 3.070 мм.

Достапен е со еден или два електромотора (заден погон или „AWD“). Купувачите можат да изберат батерија од 51,1 kWh или поголема од 65,2 kWh (стандардна кај „AWD“ верзијата).

Поголемата батерија овозможува домет до 400 километри според кинескиот „CLTC“ циклус. Најтешката верзија со два мотора достигнува маса од дури 2.700 килограми.

„ID. Era 9X“ воведува и нов дизајнерски правец прилагоден на кинескиот вкус, со бои како „Fairy Green“ и „Desert Gold“, додека самиот „Volkswagen“ истакнува дека ентериерот „ја спојува германската естетика и источниот шарм“.