[ВИДЕО] Хари Стајлс за смртта на Лиам Пејн: „Тоа ме поттикна да живеам со полни гради“

Точка

05/03/2026

09:00

375

Големина на фонт

а а а

Хари Стајлс во интервју за „Apple Music“ зборуваше за смртта на Лиам Пејн, поранешен колега од „One Direction“. За време на промоцијата на новиот албум „Kiss All the Time. Disco, Occasionally.“ му рече на водителот Зејн Лоу дека смртта на Пејн го поттикнала да го живее животот со полни гради.

На темата се осврна откако Лоу го спомена Пејн во контекст на музичари кои, иако „обични луѓе“, морале да се носат со извонредни животни околности.

Јавна тага и лична загуба

„И самиот малку се борам со тоа“, призна Стајлс. „Откако почина, постоеше период во кој ми беше многу тешко да прифатам колку е чудно кога луѓето на некој начин чувствуваат дека имаат право на дел од твојата тага. Чувствата што ги имам поради смртта на пријател се исклучително силни. А потоа одеднаш стануваш свесен, знаете, дека другите можеби очекуваат некако да го искажеш тоа, или дека тоа значи дека не го чувствуваш она што навистина го чувствуваш, или нешто слично“.

„Да се живее животот со полни гради“

Стајлс потоа објасни како смртта на Пејн во октомври 2024 година влијаела врз него и го натерала да го преиспита сопствениот живот. „Ужасно е тешко да изгубиш пријател. Тешко е да изгубиш кој било пријател, но особено е тешко кога ќе изгубиш некого кој на толку многу начини ти е сличен“, рече.

„Видов некого со најдобронамерно срце, кој само сакаше да биде извонреден. За мене тоа навистина беше клучен момент што ме поттикна да се запрашам: ‘Во ред, што сакам од животот? Како сакам да живеам?’. Мислам дека најдобриот начин да им оддадеш почит на пријателите кои починале е да го живееш својот живот со полни гради. Тој навистина беше посебна личност и тоа е страшно тажно“.


Сеќавање на „братот“

По смртта на Пејн, Стајлс со останатите членови на „One Direction“ – Најал Хоран, Зејн Малик и Луис Томлинсон – објави заедничка изјава во која наведоа дека се „скршени“ од веста.

„Со текот на времето, и кога сите ќе бидеме подготвени, ќе кажеме повеќе. Но, засега ќе си земеме време да тагуваме и да се соочиме со загубата на нашиот брат, кого искрено го сакавме. Спомените што ги споделивме со него ќе ги чуваме засекогаш. Во моментов нашите мисли се со неговото семејство, пријателите и обожавателите кои го сакаа како и ние. Ужасно ќе нѝ недостига. Те сакаме, Лиам“.