Европските индекси за берза денес главно се во минус, цената на гасот бележи тригодишен максимум, додека пак цената на нафтата Брент надминала 84 долари по барел, а на пазарот завладеа страв дека војната на САД и Израел против Иран ќе трае подолго отколку што се очекува.
Конфликтот влезе во шестиот ден, а Вашингтон истакнува дека воената акција би требала да трае до пет недели и дека нема да прерасне во „бесконечна војна“ како конфликтот во Авганистан или Иран, пренесува „CNBC“.
Експертите сепак предупредуваат дека конфликтот би можел да се искомплицира доколку иранскиот режим биде отпорен, а постои можност и Техеран да го прошири конфликтот во цел регион.

Според истражувањето на јавното мислење кое го спровел „Reuters Ipsos“, само четвртина од анкетираните Американци ги поддржуваат нападите на Иран.
Аналитичарите наведуваат дека крајната цел на операцијата и натаму е нејасна – од уништување на иранската нуклеарна и ракетна програма до можност за промена на режимот, додека експертите предупредуваат дека обидот за соборување на владата во Иран би барал копнена интервенција, што би можело значително да го продолжи конфликтот.
Катар во понеделникот го запре целото производство на течен природен гас (LNG) по иранските напади со дронови на клучните фабрики во Рас Лафан и Месајид.
На овој начин на пазарот отстранети биле околу 20 отсто од светските понуди на LNG.
Покрај тоа, Иран го блокирал транспортот на енергетика низ клучната рута преку Ормускиот мореуз, што ја зголемило загриженоста за снабдување.
Нивото на пополнетост на европските складишта на гас изнесува 31 отсто, значајно помалку во однос на 40 отсто во исто време минатата година.
Денес во 9:30 часот наутро, индексот DAX на Франкфуртската берза падна за 0,71 проценти на 24.046,78 поени, францускиот CAC 40 за 0,69 проценти на 8.111,21 поени, британскиот FTSE 100 за 0,33 проценти на 10.531,02 поени, додека московскиот MOEX порасна за 0,22 проценти на 2.816,05 поени.
Вредноста на американскиот индекс за берза Dow Jones на синоќешното затворање на берзата се зголемило за 0,49 отсто на 48.739,41 поен, S&P 500 за 0,78 отсто на 6.869,50 поени, а вредноста на индексот на Nasdaq за 1,29 отсто на 22.807,48 поени.

Според актуелните податоци, цената на нафтата се зголемила на 77,504 долари, а цената за нафтата Бренд на 84,014 долари.
Цената на златото пораснала на 5.145,36 долари, а цената на пченицата на 5,7269 долари.
Вредноста на еврото во однос на долар на валутната берза „Forex“ изнесува 1,15864 долари што е за 0,42 отсто помалку отколку на почеток со трговијата.