[ВИДЕО] Израел објави како изгледал бункерот на ајатолахот

Макфакс

06/03/2026

21:02

744

Големина на фонт

а а а

Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија илустративно видео од подземниот бункер на покојниот ирански врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи. Претходно денес, ИДФ објави дека го погодиле комплексот, кој останал „демонтиран“ по нападот.

Подземниот комплекс се наоѓал во „срцето на Техеран“ и имал повеќе влезови и внатрешни простории каде што можеле да се соберат највисоките функционери на иранскиот режим, според ИДФ. Илустративното видео ги прикажува влезовите распоредени на повеќе локации низ градот.

Висок израелски функционер изјави за „Фокс њуз“ дека утврдениот комплекс се наоѓал директно под местото каде што Хамнеи и другите лидери на режимот се состанале минатата сабота. Тој додаде дека Хамнеи го градел бункерот со години, инвестирајќи милиони долари, но не го користел на денот кога бил извршен нападот.

Според службеникот, одлуката на Хамнеи да не оди во бункерот била делумно резултат на израелско-американски план за измама што вклучувал пораки, сигнали и јавни изјави од американскиот претседател Доналд Трамп кои сугерирале дека ништо нема да се случи.