Почина Томи Декарло, фронтменот на групата „Бостон“: Хитот што го отпеа е класик кој ќе постои уште долго и меѓу новите генерации

Точка

10/03/2026

09:36

900

Големина на фонт

а а а

Фронтменот на групата „Бостон“, Томи Декарло, почина на 60-годишна возраст по битка со ракот.

Неговото семејство ја објави веста за неговата смрт на социјалните мрежи, откако открија дека се борел со рак на мозокот од септември минатата година.

„Со тешко срце ја споделуваме веста за смртта на нашиот татко, Томи Декарло, во понеделникот, 9 март 2026 година. Откако минатиот септември му беше дијагностициран рак на мозокот, тој се бореше со неверојатна сила и храброст сè до самиот крај. Во ова тешко време, љубезно ги молиме пријателите и обожавателите да ја почитуваат приватноста на нашето семејство додека тагуваме и се поддржуваме едни со други“, се вели во соопштението што го споделија сопругата на Декарло, Ени, и нивните две деца, Талија и Томи помладиот.

Декарло се приклучил на „Бостон“, познат по хитовите како „More Than A Feeling“ и „Amanda“, во 2007 година, откако оригиналниот вокал на групата, Бред Делп, извршил самоубиство.

Декарло пеел на шестиот албум на бендот „Love, Life And Hope“, кој бил објавен во 2013 година, а со бендот бил на турнеи речиси 20 години.

Исто така, во 2012 година го основал својот сопствен бенд наречен Dekarlo (DeCarlo), со кој објавил два албума: „Lightning Strikes Twice“ и „Dancing In The Moonlight“ во 2020 и 2022 година.

Размерите на здравствените проблеми на Томи Декарло биле откриени во септември минатата година кога претрпел крварење во мозокот, а лекарите откриле рак за време на изведување итна краниотомија.

Според страницата на GoFundMe (Гофандми) што неговото семејство тогаш ја отвори:

„За време на операцијата, лекарите открија две маси на меланом на неговиот мозок и уште една дамка на неговите бели дробови. Нè воодушеви со закрепнувањето по операцијата и почетокот на лекувањето, но пред да успее да го заврши, имаше уште едно крварење во мозокот и беше хоспитализиран од 27 ноември до 27 декември. Оттогаш ја заврши акутната болничка терапија и моментално повторно е на вистинскиот пат со третманите на неговиот онколошки тим.“

Во соопштението понатаму се наведува: „Направивме „GoFundMe“ страница за да помогнеме во поддршката на неговите потреби и предизвиците што се пред нас. Тој е длабоко благодарен за љубовта, молитвите и поддршката што веќе ги доби од пријателите, семејството и обожавателите ширум светот. Тоа го охрабри во најтешките моменти и го потсети дека не се бори сам.“

Неговото семејство на 2 јануари објави нови информации за собирањето средства, велејќи дека Декарло успеал да се врати дома од болница ден по Божиќ, нарекувајќи го пејачот „силен, решителен и вистински борец“. Во моментот на пишување на овој текст, преку донации се собрани повеќе од 56.000 долари (41.820 фунти), со што е надмината целта од 50.000 долари (37.340 фунти).


Иако бендот сè уште нема објавено официјално соопштение по повод смртта на Декарло, интернет-страницата на „Boston“ е ажурирана со фотографија на која тој настапува на сцена, со датумите на неговото раѓање и смрт покрај сликата.