Србинка сама со автомобил стигнала од Ирак до Белград: „Ракетите летаа, ме потсети на 1999 година“

Точка

19/03/2026

15:30

948

Големина на фонт

а а а

Бегајќи од конфликтот на Блискиот исток среде американско-израелските напади врз Иран, Србинката Ивана Васиќ, фитнес инструкторка, сама со автомобил стигнала од Ирак до Србија и тоа за само три дена.

Таа веќе осум години работи како фитнес инструкторка во Ербил во северниот дел на Ирак.

Тргнала кон Србија токму на нејзиниот роденден (10ти март), а веќе на 12-ти март вечерта била во Белград.

„Беше навистина интензивно, но бев решена да дојдам што е можно поскоро. Одморав само ноќе, за да спијам некаде, бидејќи не сакам да возам во темница“, изјавила таа за ТВ Прва.


На прашањето во кој момент решила да го напушти Ирак, Ивана рекла дека кога го затвориле училиштето и децата почнале да ги откажуваат тренинзите, сфатила дека не треба да остане таму.

Сè ја потсетило на 1999 година

„Сите тие звуци беа многу интензивни. Звукот на ракетите што прелетуваа ме потсети на 1999 година и бомбардирањето на Србија и во тој момент сфатив дека е подобро да бидам со моите родители и пријатели во Србија“, додала Ивана и рекла дека ова ѝ бил прв пат да вози толку долг пат.

„Поминав 3.000 километри за три дена. Возев од осум часот наутро до 23 часот. Штом ја преминав границата, сите беа изненадени што возев автомобил со ирачки регистарски таблички, бидејќи ова не е чест случај за странски државјани во Ирак“, истакнала таа.

Таа вели дека не се плашела, но додека поминувала низ градот Адан, се појавиле шпекулации дека токму него ќе го бомбардираат, па тогаш одеднаш почувствувала страв.


„Не дозволував стравот да ме совлада, бидејќи самата сум одговорна за себе и двете кучиња кои беа со мене, два померанци. Размислував само позитивно. Кога го напуштив Ирак се почувствував безбедно“, раскажала Србинката.

Таа додала дека и понатаму работи онлајн и дека е во контакт со клиентите од Ирак. Како што објаснила за нив тоа што се случува е нормално, не паничат ниту планираат да ја напуштат земјата, а многумина не верувале дека ќе си замине, и ѝ испраќале пораки со прашањето „Дали навистина си замина?“.

Ивана истакнала дека Ербил е преубав град, еден од најстарите градови во светот.

„Курдите се прекрасни луѓе и се чувствувам како да сум дома кога сум таму. Тие многу го почитуваат мојот труд“. Меѓутоа како што рекла постои голема разлика во животот, има ноќен живот, но со големи ограничувања и нема алкохол.

Според нејзините зборови жените не можат да излегуваат надвор сами, туку со нивните сопрузи. Исто така, се знае до кога излегуваат и со кого.


„Тие многу ги почитуваат другите националности и култури“, нагласила Ивана.

Меѓутоа истакнала дека најтешко ѝ било бидејќи не можела да носи шорцови, и дека постојат строго полово одделени теретани и дека во мешаните теретани, на пример, не може да носи шорцови, но ниту може да носи облека што ги открива нејзините рамена и предниот дел од телото.

На прашањето дали постојат сличности меѓу Србите и Ирачаните, Ивана рекла дека тоа е семејниот живот.

Исто така таа била во Ирак и за време на пандемијата на Ковид-19. Во тоа време живеела со ирачко семејство кое ѝ помогнало да го оствари својот сон.

Како што рекла пред осум години во Ербил била отворена етно теретана и осум Срби отишле таму да живеат и работат, но за време на коронавирусот, сите освен неа и уште една девојка се вратиле во Србија.