Насловната страница на италијанското издание на списанието „Vogue“ за месец април ја краси помладата ќерка на Моника Белучи и Венсан Касел, Леони, а за фотографиите позираше заедно со мајка ѝ.
Леони на насловната страница позира во класична комбинација од црна кожна јакна и фармерки, додека во ушите има слушалки и носи очила за сонце. Оваа 16-годишна девојка за „Vogue“ заедно со мајка ѝ зборуваше за тоа кои ѝ се идолите, што сака во животот и за потрагата по среќа.
На фотографирањето, како што пишува „Vogue“, понела неколку парчиња облека што ја дефинираат, односно неколку маици, фармерки и патики, па заедно со Моника избирала што ќе облече.
„Се случи толку брзо што не ни стигнав да сфатам. Не очекував дека сè ќе се случи толку брзо и не можам да поверувам. Постојано си мислев: ‘Ова не е игра’. Возбудена сум поради новите врски, запознавањето луѓе и сакам да бидам во центарот на движењата. Една од моите омилени фотографии е онаа на која двете се шминкаме; и на мојата мајка ѝ се допаѓа“, изјавила Леони за списанието.
Моника исто така зборувала за нивните ритуали и секојдневие: „Одам во нејзината соба, таа доаѓа во мојата. Разговараме. Кога таа и Дева се заедно и се шминкаат пред излегување, ги гледам како се смеат и разговараат. Затоа се преправам дека заминувам, но сакам да останам таму и да ги гледам на вратата. Мора да ги почитувате своите деца. Мора да сфатите дека во одреден момент растат и не можете ништо друго освен да се грижите за нивниот лет. А Леони веќе лета. Леони лета брзо затоа што ја интересира животот“.
Оваа 16-годишна девојка, која Моника ја нарекува „дете на љубовта“, за списанието зборувала за своите желби за иднината и наведува дека сонува за далечни патувања, без бариери, како и за враќање во Јапонија каде што еднаш била со пријатели.
Рекла дека нејзин пример е сестра ѝ Дева: „Таа отсекогаш била мој идол“.
Наведува дека уште две и пол години школување стојат меѓу неа и она што ќе одлучи да го прави понатаму (склона е кон хуманистичките науки), а останува да видиме дали ќе се испроба во глумата или моделингот, како мајка ѝ и сестра ѝ.













