СДСМ бара Основното јавно обвинителство (ОЈО) да отвори предмет и да го испита непостапувањето на гувернерот Трајко Славески во законскиот рок за избор на вицегувернери во Народната банка.
Од партијата наведуваат дека постојат сериозни индиции за прекршување на законот и свесно блокирање на институционалниот процес. Според Законот за Народната банка, вицегувернерите ги именува Собранието исклучиво на предлог на гувернерот, а со недоставување предлог, како што посочуваат, се блокира законската постапка.
СДСМ се повикува на член 55, според кој испразнето место мора да се пополни најдоцна во рок од два месеца по истекот на мандатот, нагласувајќи дека овој рок е обврзувачки. Во конкретниот случај, мандатите на вицегувернерите истекле во октомври 2025 година, а законскиот рок во декември 2025 година.
И покрај тоа, според СДСМ, тие продолжуваат да учествуваат во носење одлуки, што го доведува во прашање легитимитетот на составот и на донесените акти. Партијата дополнително тврди дека им биле исплатувани плати и дека постои ризик од носење нелегитимни одлуки.
СДСМ укажува дека институцијата функционира во спорен состав и дека одлуките донесени во такви услови можат да бидат правно оспорени. Дополнително, се посочува и ризик од фаворизирање, бидејќи актуелен вицегувернер со истечен мандат е кандидат на истиот оглас.
Од СДСМ бараат ОЈО да утврди дали гувернерот ја прекршил законската обврска со непостапување, дали е овозможено незаконско продолжување на мандати и дали одлуките на органите на Народната банка се донесувани во незаконит состав.








