Ни се заканува ли нова нафтена криза како онаа од 1970-тите?

Точка

27/03/2026

22:42

713

Големина на фонт

а а а

Енергетската криза поттикната од војната на Блискиот Исток повторно го отвора прашањето за сценарија какви што беа видени во текот на 1970-тите, кога недостигот од гориво доведе и до забрани за возење.

Иако сегашните околности потсетуваат на тогашните нафтени шокови, аналитичарите предупредуваат на важни разлики — но и на сериозни ризици.

Според зборовите на челникот на Меѓународната агенција за енергија, ситуацијата е исклучително сериозна. „Најголема закана за енергетската безбедност во историјата на човештвото“, предупредил Фатих Бирол, додавајќи дека актуелниот недостиг на енергенси е поголем отколку за време на двете големи кризи од минатиот век. „Тогаш недостасуваа околу пет милиони барели нафта дневно“, рекол Бирол и додал: „Денес тоа се единаесет милиони барели дневно, повеќе отколку за време на двата големи нафтени шока заедно“.


Покрај нафтата, се влошува и состојбата на пазарот на гас, каде што глобалниот недостиг дополнително порасна во однос на периодот по почетокот на војната во Украина во 2022 година. Конфликтот со Иран веќе ја намали испораката на нафта, најмногу поради затворањето на Ормускиот Теснец. „Некогаш глобалната понуда на нафта падна само за околу пет отсто. Во таа смисла, шокот всушност е поизразен отколку во 1973 и 1974 година“, предупредил економистот Клаус-Јирген Герн, пишува Дојче Веле.

Сепак, клучната разлика во однос на 1970-тите лежи во движењето на цените. „Од 1973 до 1974 година, цените на нафтата се зголемија четирикратно. Во 1979 година повторно се зголемија тројно“, потсетил Герн, нагласувајќи дека тогашните пазари биле значително понеподготвени. Денес, како што истакнал, високите цени веќе биле видени во повеќе наврати. „Повремено и претходно сме гледале цени на нафта над 100 долари, а последен пат по руската инвазија врз Украина. Значи, ова не е целосно нов свет. Поинаку беше во 1970-тите. Тогаш земјите потрошувачи се соочуваа со цени со кои не беа запознаени“, објаснил тој.


За разлика од минатите кризи, сегашното нарушување првенствено произлегува од блокадата на транспортните рути, а не од трајно уништување на производството. Тоа отвора можност за побрзо закрепнување по завршувањето на конфликтот. И покрај тоа, штетата врз инфраструктурата веќе е значителна. Повеќе десетици енергетски постројки се оштетени во нападите, а закрепнувањето нема да биде брзо. „Ќе биде потребно долго време“, предупредил Бирол, додавајќи: „За некои ќе бидат потребни шест месеци, за други многу подолго.“

Дополнителен удар би можел да дојде од Катар, каде што беа погодени клучни ЛНГ капацитети. Се проценува дека испораките би можеле да паднат за 17 отсто во период од неколку години. Но, дел од експертите сепак ги ублажуваат црните прогнози. Сметаат дека глобалните последици би можеле да останат ограничени ако конфликтот не се продлабочи и не потрае. Се истакнува и дека денешниот пазар е поразновиден отколку пред половина век, со помала доминација на ОПЕК и посилно производство во САД.

Важна стабилизирачка улога имаат и големите стратешки резерви. Глобалните резерви достигнаа рекордни нивоа, а нивното делумно користење веќе го ублажи недостигот од снабдување. Процените велат дека постојните резерви би можеле со месеци да го надоместуваат прекинот на испораките низ Ормускиот Теснец.


„Врз основа на резервите на ОЕЦД, и комерцијалните и стратешките, тоа би можело да го надомести губењето на испораките на нафта низ Ормускиот Теснец во период од приближно девет месеци“, изјавил аналитичарот на Комерцбанк, Карстен Фрич.

И покрај сè, траењето на конфликтот останува енигма, а дипломатските сигнали се противречни. Американскиот претседател Доналд Трамп зборува за напредок, додека Техеран го негира тоа. Економските последици веќе се видливи. „Ќе видиме две работи: инфлацијата краткорочно ќе порасне, а производството ќе биде намалено бидејќи потрошувачката на нафта ќе се намали каде и да е тоа можно“, заклучил Герн.

Додека Европа засега не прибегнува кон драстични мерки како забрана за возење, некои земји веќе воведуваат рестрикции. Пакистан, на пример, им препорача на граѓаните спортските настани да ги следат од дома за да се намали потрошувачката на гориво. Дали историјата од 1970-тите ќе се повтори, засега останува отворено прашање – но предупредувањата на експертите сугерираат дека ризиците не се занемарливи.