Зеленски: Русија не сака мир

Макфакс

28/03/2026

14:21

179

Големина на фонт

а а а

Украинските и руските власти денеска соопштија за цивилни жртви и големи материјални штети по серијата ноќни напади со дронови, кои вклучуваа и напад врз породилиште во Одеса, пренесува ДПА.

Во Украина, две лица загинаа во Криви Риг, додека по една жртва е пријавена во Полтавската област и во Одеса. Началникот на воената администрација во Одеса, Серхиј Лисак, потврди дека е погоден покривот на акушерска клиника, но за среќа персоналот и пациентите навреме стигнале во засолништата.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги осуди нападите, наведувајќи дека само врз Одеса биле истрелани над 60 дронови, што според него е „чист терор врз цивилното население“.

Од друга страна, руските власти соопштија за 155 соборени украински дронови во неколку региони. Во Јарославската област загинало дете, додека неговите родители се тешко повредени.

Украинските напади ги погодија и Тверската, Белгородската и Курската област, како и градот Чапаевск во Самарската област, каде цел била фабрика за производство на ракети.

Министерството за одбрана во Москва не соопшти детали за евентуални штети, додека Киев продолжува со засилување на нападите внатре во Русија како одговор на инвазијата.