Веќе две недели на Клиниката за онкологија недостигаат основни лекови за пациентите со рак, соопшти Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ на прес-конференција одржана од Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на партијата.
Меѓу недостасните терапии се лекови како Фезго, Палбоциклиб и Рибоциклиб, кои се неопходни за продолжување на третманот. Според Младеновска, пациентите се соочуваат со неизвесност, страв и голема агонија во борбата за својот живот.
„Здравството е во тотален хаос. Владата нема пари за лекови, но ги има за криминални тендери“, изјави Младеновска, истакнувајќи дека само во последно време се доделени десетици тендери на ограничен број фирми, вклучително и милионски суми на компании со само неколку вработени.
Според СДСМ, секој изгубен ден без терапија може да значи влошување на здравствената состојба, компликации или дури загубен живот. Младеновска повика на истрага за причините за недостигот на лекови и бара одговорност од сите инволвирани.
„Граѓаните не смеат да бидат жртви на тендер-коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ. Здравјето на пациентите е живот, а не бизнис“, заклучи таа.








