Формула 1 од стартот на сезоната добива многу невкусни епитети и се означува како натпреварување кое стана „ светско првенство во трки на батерии“, а новите регулативи кои беа активирани од трката за Големата награда на Австралија направија да видиме многу незадоволни лица и во падокот.
Голем број Ф1 ѕвезди бараат враќање на старите правила и отстапување од новите регулативи според кои се убива суштината на автомобилизмот и тркањето, но додека најдобар дел се бунат во вид на протести, Макс Ферстапен е подготвен да преземе радикален чекор.
Четирикратниот шампион кој најави дека не планира целата своја младост да и ја посвети на Формула 1, сега сериозно размислува да се повлече од „најбрзиот циркус“ на крајот на оваа сезона, информација која ексклузивно ја лиферуваше медиумот кој е најблизок до него.
Max Verstappen considering retiring from F1 at end of 2026 pic.twitter.com/c8JY0FbKol
— ESPN F1 (@ESPNF1) March 29, 2026
Холандски „Де Телеграф“ тврди дека Ферстсапен е огорчен и разочаран од еволуцијата на Формула 1 како спорт, па во овој момент нема доволно мотивација и нема доволно голем предизвик за да остане дел од циркус кој не му се допаѓа.
Новите регулативи со електрично полнење на батериите прават значително да се намали значењето на тркачките способности кај еден возач, а токму тоа е она што го тера Ферстапен сериозно да размислува на повлекување од спортот во кој се прослави како голем шампион.
Веста која ја пренесе „Де Телеграф“ експресно стана топ тема во јавноста, па останува да видиме како ќе се развива ситуацијата и дали Ф1 и ФИА ќе попуштат под притисокот кој го прави Макс, но и останати возачи од падокот.








