Она што започна како најава за креативна размена и одржлива соработка, во рамки на Fashion Weekend Skopje доби конкретна форма, видлива, материјализирана и споделена.
Меѓународната дизајнерска резиденција „Зелена и одржлива мода: Нордиско-балтичка приказна“, иницирана од Амбасадата на Шведска во нашата земја и реализирана во партнерство со Канцеларијата на Амбасадата на Литванија, Амбасадите на Данска, Финска и Норвешка, Македонското модно здружение и со поддршка на Нордискиот совет на министри, не остана на ниво на концепт. Таа се случи низ необичен процес.

Десет дизајнери од нордиско-балтичкиот регион и С. Македонија влегоа во селекција. И наместо паралелни авторски линии, се создаде заедничка, слоевита приказна, во која различностите не се избришани, туку поврзани.
Под менторство на Ирина Тошева, процесот остана отворен и доволно флексибилен за да не се затвори во дефиниции.
Резиденцијата се прошири надвор од рамките на модниот настан и се претвори во патувачки креативен хаб. Дизајнерите посетија шест градови низ нашата земја, градејќи мрежа на односи што ја надминува модата како индустрија.

Преку директна работа со локални занаетчии, тие не само што ги истражуваа традиционалните техники, туку и отворија простор за нивна современа интерпретација. Посетите на музеи и културни институции не беа туристички, туку истражувачки, како евидентен контакт со наследството, кое на овој начин се преведе и во нов јазик.
Паралелно, резиденцијата се отвори и кон младите. Преку работилници во училишта, повеќе од 50 ученици имаа можност да разговараат со дизајнерите за одржливост, дигитализација и иднината на модата, не како апстрактна индустрија, туку како реален избор.

Кулминацијата се случи во рамки на Fashion Weekend Skopje 32. Изложбата и дебатата која ја организираа беа резултат, за дијалогот и она што се градело помеѓу луѓето.
Со #MadeWithSweden Public Talk, реализиран во соработка со Bergstrand Consultancy, разговорот продолжи во меѓународен формат, поврзувајќи ја локалната сцена со нордискиот контекст преку онлајн вклучување. Овој сегмент, кој се одвиваше преку дигитална платформа, ја отвори темата за одржливост како системска пракса, а не како тренд ставајќи акцент на знаењето, иновациите и размената како клучни двигатели на промена. Беа понудени и увиди во што е тоа што шведските компании го бараат кај производствените капацитети кога бараат трговска соработка и партнери.

Под модерација на Ирина Михајлова, разговорот со амбасадорите ги отвори прашањата за значењето на нордиско-балтичката соработка надвор од регионот, како и потенцијалот за градење долгорочни партнерства со Западен Балкан.
Во вториот дел, воден од Ирина Тошева, дизајнерите зборуваа директно за одржливоста како секојдневна одлука. Секој ден од резиденцијата тие го сведуваа во неколку зборови: соработка, тим, преплетување, бисер. Зад тие зборови останува и по завршувањето на 32. издание на Моден викенд Скопје нешто поважно, а тоа се нови соработки, нов поглед на светот и заедничка меморија.

Резултатот не се само модни решенија, туку и разбирање дека одржливоста е однос кон материјалот, времето и другите. Затоа, овој проект станува модел кој може да се пренесе на различни географски широчини.
Со оваа иницијатива, Fashion Weekend Skopje не само што отвори простор за дијалог, туку постави јасна рамка за тоа како модата може да функционира како алатка на културна дипломатија и индустриска трансформација.
Доколку сè уште немавте можност да ја посетите, изложбата е отворена во Diamond Mall до 5 април.











Фото: Горан Бошковски, FWSK
















