Портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, обвини за постоење на мрежа на медиумска контрола, црни кампањи и политичка манипулација, која, според партијата, е присутна во Македонија, Унгарија, Србија и Словенија.
Според СДСМ, истата мрежа е вклучена и во најновиот случај со „лажни вести за експлозиви во Кањижа“.
Партијата се повика на истражувачки извештаи на OCCRP и BIRN, наведувајќи дека унгарскиот бизнисмен Петер Шац и неговите компании контролираат дел од медиумскиот простор во Македонија, кој, според нив, е ставен во функција на ВМРО-ОКГ.
СДСМ тврди дека истата мрежа, преку истиот бизнисмен, делувала и во Словенија, поддржувајќи ја партијата на Јанез Јанша, како и дека унгарски медиуми блиски до Виктор Орбан шират наративи за „руско сценарио“ и „напад врз унгарскиот суверенитет“.
Се наведува дека во оваа мрежа е вклучен и Александар Вучиќ со својата партија, а како дел од „истата шема“ се споменува и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
СДСМ тврди дека овие актери користат слични методи – контрола на медиуми преку компании, пласирање лажни вести и создавање атмосфера на страв и анти-ЕУ наративи.
Партијата бара: истрага од АВМУ за финансирањето и уредувачката политика на медиумите поврзани со оваа мрежа, вклучување на европските институции за испитување на, како што наведуваат, прекугранично мешање, како и прекин на странското влијание врз информативниот простор.
СДСМ порача дека Македонија треба да има слободни медиуми и демократска власт и дека, како што наведуваат, „време е да се стави крај на овој модел на манипулации“.












