ЕЕС на тест пред празниците – патниците ги очекуваат подолги задржувања на европските граници

Точка

06/04/2026

22:32

483

Големина на фонт

а а а

Европскиот воздухопловен сектор бара и во текот на летната сезона да се задржи можноста за привремено запирање на ЕЕС-системот во случај на големи гужви.

Целосната примена на системот ЕЕС започнува во најчувствителниот период – во пресрет на велигденските празници, кога се очекува зголемен интензитет на патувања. Првичните сигнали од европските аеродроми укажуваат дека патниците би можеле да се соочат со значително подолги задржувања на границите.

Во воздушниот сообраќај веќе се бележат чекања кои достигнуваат и до два часа во шпиц, што го отвора прашањето како системот ќе функционира со полн капацитет во текот на летната сезона.


Според податоците на Европското здружение на аеродроми и асоцијацијата „Airlines for Europe“, ситуацијата се влошува како што системот постепено се воведува. Од 31 март е предвидена задолжителна регистрација на сите државјани од трети земји, додека на 9 април завршува преодниот период, по што државите повеќе нема да можат целосно да ја суспендираат примената на системот за да ги намалат гужвите.

Во пракса тоа значи дека секое влегување во шенген-зоната ќе подразбира земање биометриски податоци – фотографирање и отпечатоци од прсти – што дополнително ја продолжува постапката. Иако целта на ЕЕС е зајакнување на безбедноста и подобра контрола на престојот на странците, авиокомпаниите и аеродромите предупредуваат дека системот сè уште не е оперативно подготвен за целосна примена на овие правила.


Главните проблеми се веќе добро познати: хроничен недостиг на гранична полиција, технички дефекти на самопослужните киосци, недоволна искористеност на автоматските гранични премини, како и прашања за доверливоста на централниот ИТ-систем. Дополнително, апликацијата за претходна регистрација на патници, која би можела да ја забрза процедурата, засега се користи во многу ограничен број земји.

Поради тоа, европскиот воздухопловен сектор бара и во текот на летната сезона да се задржи можноста за привремено олеснување или суспендирање на примената на ЕЕС во случај на големи гужви. Во спротивно, предупредуваат дека чекања подолги од еден час би можеле да станат вообичаена пракса на надворешните граници на Шенген.