ЕУ подарува 40.000 билети: И младите од Македонија можат да аплицираат за бесплатно патување низ Европа

Точка

08/04/2026

16:15

567

Големина на фонт

а а а

Младите можат да аплицираат за бесплатно патување со воз ширум Европа во следните две недели. Европската комисија повторно подарува повеќе од 40.000 билети на 18-годишници. Билетите можат да ги добијат и младите од Македонија, пренесе германската новинска агенција (dpa).

Овој пат право на аплицирање имаат сите родени помеѓу 1 јули 2007 и 30 јуни 2008 година. Младите лица треба да живеат во една од земјите на Европската Унија или во Србија, Лихтенштајн, Македонија, Норвешка, Турција и Исланд.

Аплицирањето е можно и пред 18-тиот роденден, но учесниците мора да бидат полнолетни пред почетокот на патувањето.


Младите можат да аплицираат до 22 април напладне преку Европскиот младински портал – поединечно или како група од најмногу пет членови.

Потоа, сè што треба да направат е да решат краток квиз за општо знаење за ЕУ и едно прашање за процена.

Комисијата и Извршната агенција за европско образование и култура потоа ги разгледуваат апликациите.

Победниците можат бесплатно да патуваат со воз низ ЕУ помеѓу 1 јули 2026 и 30 септември 2027 година. Учесниците можат да патуваат до 30 дена, од кои максимум седум дена со воз.


Иницијативата „DiscoverEU“ постои од 2018 година, идеја на активистите Винсент-Имануел Хер и Мартин Шпер.

Секоја година има два круга на аплицирање.

Според податоците на ЕУ од почетокот на оваа програма, повеќе од 1,9 милиони млади аплицирале, а околу 431.931 добиле билет.