Израел го нападна Либан, стотици мртви и ранети: „Нападнаа 100 локации за 10 минути“

Макфакс

08/04/2026

17:36

297

Големина на фонт

а а а

Стотици луѓе се убиени и ранети во израелските напади врз Либан, изјави либанскиот министер за здравство, според државната новинска агенција.

Министерот за здравство Ракан Насередин изјави дека имало „стотици мртви и ранети“ по нападот во средата, објави ННА.

Нападите вклучуваат едни од најобемните израелски напади во центарот на Бејрут во последните децении. Воздушните напади погодија најмалку три области во центарот на Бејрут, вклучувајќи и еден напад во близина на централното крајбрежно шеталиште, според видео анализа на CNN.

Според репортер на Анадолија нападите биле насочени кон станбени области со сунитско мнозинство, што значи дека тие се надвор од областите контролирани од Хезболах.

Сирените за итни случаи се огласуваат речиси без престан од почетокот на нападите, објавија новинарите на CNN на терен.

„Повеќе од 100 локации во рок од десет минути“

Израелската армија нападна повеќе од 100 локации „во рок од десет минути“ во Либан, во најголемиот координиран напад од почетокот на тековната офанзива во таа земја, објави армијата, пренесува „Анадолу“.

Во военото соопштение се вели дека нападите биле насочени кон локации поврзани со Хезболах во повеќе области, вклучувајќи ги Бејрут, долината Бека и јужен Либан.

Војската тврди дека целите вклучувале командни и контролни центри и друга инфраструктура што се користи за извршување напади врз израелски цели.