Опозициската СДСМ уште еднаш покажа дека партиските калкулации ги става пред државните интереси и пред потребата од вистински реформи во правосудството, велат од ЗНАМ.
„Предлог-законот за јавното обвинителство – закон кој е дел од реформската агенда и кој помина низ јавна расправа со вклученост на експерти, обвинители, адвокати и професори, претставува јасен сигнал дека не постои искрена волја кај нив за унапредување на владеењето на правото.
Овој закон е резултат на широк и инклузивен процес, базиран на стручни аргументи и практични искуства. Во процесот на подготовка на законот беа вклучени препораките на релевантни меѓународни тела и институции, како и насоките од реформската агенда во областа на владеењето на правото, што дополнително ја зајакнува неговата кредибилност и усогласеност со европските стандарди.
Наместо да дадат конструктивен придонес, СДСМ одлучија да стојат на страна и да ја кочат реформската динамика“.
Граѓаните, додаваат од ЗНАМ, очекуваат ефикасно, отчетно и транспарентно обвинителство, систем кој ќе гарантира правда за сите, без селективност и без политички влијанија.
„СДСМ иако најавија конструктивен пристап кон законите од реформската агенда, денес од собраниската говорница кажаа дека нема да го поддржат законот за јавното обвинетелство.
Со ова декларативно лицемерие СДСМ покажува дека се во истото руво од времето кога се самоамнестираа од сторениот криминал во периодот на седумгодишното владеење, преку измените на Кривичниот законик“.
Сега, истакнуваат од оваа партија, дополнително се ставаат во функција на заштита на својот криминал, нелегално стекнатите милиони на Венко Филипче и Зоран Заев.
„Со сите сили продолжуваат да ги штитат “нивните” обвинители кои тие ги наместија на позициите. Затоа денес СДСМ уживаат рејтинг кај граѓаните помал од 5%“.












