Иран издаде предупредување до САД, велејќи дека американските бродови што ќе се обидат да ги блокираат иранските пристаништа ќе бидат „испратени на дното на морето“, објавија синоќа иранските државни медиуми.
Ова предупредување е одговор на Иран на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за „елиминирање на сите ирански бродови во близина на пристаништата што се под блокада на САД“, објави иранската државна телевизија „Прес ТВ“.
Алаедин Боруџерди, член на иранскиот Комитет за надворешна политика и национална безбедност, ја нарече блокадата на САД воена пропаганда без основа, велејќи дека сите бродови на американската морнарица што ќе се обидат да ги блокираат иранските пристаништа ќе бидат „испратени на дното на морето“.
Тој рече дека САД „немаат вистинска способност“ да ја спроведат таа закана и оцени дека другите членки на НАТО нема да поддржат таков потег.
Во меѓувреме, врховниот командант на елитните сили Кудс (ИРГК) на Иран, бригаден генерал Есмаил Кани, рече дека САД и израелскиот режим на крајот ќе се повлечат од Западна Азија без никакви достигнувања.
Тој рече дека „режимите во Вашингтон и Тел Авив треба да се сетат како избегале од Јемен, теснецот Баб ел Мандеб и Црвеното Море“, објави „Прес ТВ“.
„Тие ќе се повлечат од регионот без никакви достигнувања“, рече иранскиот генерал Есмаил Кани.







