Мицкоски: СДС живее во свет на лаги и конструкции, реалноста ги демантира

Макфакс

14/04/2026

12:56

170

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на обвинувањата од опозицијата и најавата дека ќе бараат ревизија на парите коишто се дадени од Унгарија во државава во однос на телекомуникација, енергетика и медиуми изјави:

„Видете СДСМ изминатиов период, најблаго кажано живее според онаа читанката „Алиса во земјата на чудата“, јас повеќе тоа би го класифицирал како СДСМ во земјата на лагите и конструкциите. Во текот на минатата година, ќе ве потсетам СДСМ велеше дека државата ќе банкротира. Не банкротиравме, напротив ја завршивме со еден од најдобрите пет економски резултати во Европа според раст на бруто домашниот производ. Потоа ја лажеа јавноста дека во април месец ќе дошле мигранти, еве го на средина на април сме, мигрант јас не видов се уште во Македонија. Потоа велеа дека само што не сме банкротирале, а веќе пензионерите и вработените коишто добиваат плата од Владата, на први април добија повисока плата. И за прв пат, се постигнаа историски договори со синдикатите УПОЗ и САДУ за вработените во државната администрација. Многу пати до сега СДСМ кажуваше работи, коишто вака можеби звучеа интересно за ушите на одредена јавност, но во суштина тоа ништо не се случуваше и во суштина немаше апсолутно никаков ефект во рамките на државата. Па така очекувам и овој пат, слободно тие може да си бараат, ќе си добијат се што е, се што можат институциите да им дадат како параметар. Инаку, што се однесува до она што го споменавте во телекомуникациите, станува збор за јавна процедура во којашто Агенцијата за електронски комуникации објавува повик. И на тој повик имаат право да се пријават сите оние коишто се заинтересирани да добијат лиценца за мобилен оператор. компанијата „4иГ“ којашто патем речено е партнер со германската „Раинметал“ и со „Спејс Х“ на Елон Маск, уплати веќе 9 милиони евра и се стекна со правотo да биде трет мобилен оператор. Вистинското прашање е, зошто во времето на СДСМ и ДУИ немаше трет мобилен оператор и зашто во тоа време македонските граѓани плаќаа најскапи цени за мобилните услуги. Тоа е вистинското прашање. А ваква транспарентна постапка, можат слободно во било кое време да си побараат до Агенцијата за електронски комуникации. Сигурен сум дека во една таква транспарентна постапка, тие ќе им одговорат. А друг тип на унгарски инвестиции како што споменувате, енергетика и слично, барем јас не сум запознаен, иако ќе бидат добредојдени доколку дојдат и доколку бидат согласно стандардите, законите и Уставот на Македонија“.