Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, демонстрира недозволиво ниво на ароганција и неодговорност, сега обвинувајќи ги вработените во ЈСП Скопје дека со своите тужби го ʼблокираатʼ претпријатието, реагираат од Левица.
Со тоа, додаваат од оваа партија, Ѓорѓиевски не само што ги дискредитира работниците кои се принудени по судски пат да ги бараат своите загарантирани права, туку директно ја префрла вината за катастрофалната состојба во ЈСП врз оние што се најмалку одговорни за неа.
Ваквиот пристап, оценуваат од Левица, претставува опасен обид да се криминализира легитимното барање на работнички права и да се наметне наратив во кој жртвата се претставува како виновник.
„Наместо јавно извинување за состојбата во која се доведени вработените, градоначалникот избра јавно да ги прозива и да ги изложува на нетрпеливост, создавајќи атмосфера на притисок и стигматизација.
Дали според Ѓорѓиевски работниците треба да молчат, трпат и да се откажат од своите права за да не ѝ пречат на неспособноста на раководството?
Овој однос јасно ја разоткрива перцепцијата на функционерите од ДПМНЕ – дека работниците не се носители на права, туку пречка што треба да се замолчи кога бара правда.
Дополнително, оваа реторика претставува очигледен дефокус од клучниот неуспех – четири години блокирање на Советот од страна на ДПМНЕ, што директно придонесе за тоа Скопје и денес да нема нови автобуси и да функционира со деградиран јавен превоз. Наместо одговори за ветените инвестиции, за нефункционалниот систем и за секојдневниот колапс, јавноста добива обиди за префрлање вина кон опозицијата, а сега и кон самите работници“.
Според Левица, особено интересен е фактот што ваквите напади доаѓаат во момент кога се отвораат прашања за скандалозни и штетни договори во ЈСП, вклучително и оној на Игор Јанушев со „Маратон“ и приватни агенции за привремени вработувања, кои, како што велат, генерираат милионски загуби за претпријатието.
„Наместо транспарентност и одговорност за овие практики, сведочиме на агресивна комуникација и обид за замолчување на секој што укажува на проблемите.
Работниците во ЈСП не се непријатели, ниту виновници, тие се луѓе што го одржуваат системот во живот и кои, со право, бараат заштита на своите права. Нападите врз нив не се само политички некоректни, туку и морално недозволиви.
Обидите за префрлање вина нема да поминат. Одговорноста за состојбата во ЈСП е кај оние што управуваат, а не кај оние што ја плаќаат цената на тоа управување“.












