Туристи на Копакабана жртви на измама: Ќебап наплатен 1.500 фунти, полицијата уапси осомничен

Точка

16/04/2026

15:40

502

Големина на фонт

а а а

Во Рио де Жанеиро е уапсен измамник кој на британски турист му продал ќебап по цена од речиси 1.500 фунти (1.730 евра), што е најновата во низа измами на прочуената бразилска плажа Копакабана.

Мажот бил уапсен во вторникот на Копакабана, веднаш спроти двата најпопуларни хотели во регионот, пренесе „Гардијан“.

Измамникот и неговиот соучесник наводно манипулирале со терминалот за плаќање за драстично да ја зголемат цената на кебапот за странецот.

Тој, наводно, платил 10.000 реали, односно 1.480 фунти, наместо 10 реали, што е една и пол фунта.

Ова кривично дело е последно во низата измами на брегот на најпознатиот град во Бразил.


Имено, во изминатите месеци криминалци се обиделе да им наплатат на двајца аргентински туристи 7.000 реали (околу 1.000 фунти) за две чаши асаи бобинки, додека на еден посетител од Колумбија му биле наплатени 2.500 реали, односно 400 фунти, за една каипириња – вид коктел.

Во можеби најшокантниот случај пред инцидентот со ќебапот, една жена од Аргентина платила 20.000 реали, што е речиси 3.000 фунти, за пченка премачкана со маргарин, која всушност би требало да чини само 20 реали, односно околу три фунти.

„Не ги разбирам бројките на португалски. Не зборувам португалски“, рекла таа откако западнала во замката.

Патриција Алемани, началничка на туристичката полиција во Рио де Жанеиро, изјавила за весникот „О Глобо“ дека нејзиниот тим напорно работи на апсење на оние кои стојат зад неодамнешниот бран криминал на Копакабана и на соседната плажа Ипанема.


Таа за „хаотичната“ атмосфера на плажите во Рио, која, како што наведува, им оди во прилог на измамниците, го обвини недостигот од владин надзор.

И покрај криминалот, поголемиот дел од посетите на Рио најчесто минуваат без проблеми, а рекорден број туристи се слеваат во Бразил, додека Рио де Жанеиро е особено популарен меѓу странските туристи поради низа големи концерти на плажите, пишува британскиот весник.