Александар Саша Димитријевиќ од СДСМ соопшти дека партијата поднела кривична пријава против Христијан Мицкоски за, како што наведуваат, „рушење на Уставот и кршење на законите“.
„Христијан Мицкоски повеќе не се крие –тој е обвинител, судија, кој однапред нарачува судски процеси против опозицијата и неистомислениците“, рече Димитријевиќ.
Тој додаде дека Мицкоски од позиција на премиер, јавно најавува кривични прогони, таргетира конкретни луѓе од опозицијата и нивните семејства со однапред напишани обвиненија.
„Неговото „имам чувство“ го диктира стравот затоа што знае дека ќе мора да се соочи со одговорноста. Но, ова е скандал од невидени размери и претставува целосно уривање на правниот и уставниот поредок и за ова мора да понесе одговорност. Изјавата на Мицкоски е сигнал дека судството и обвинителсвото се претворени во алатка за политичка одмазда и прогон на неистомислениците“, рече Димитријевиќ.
Партијата информира дека кривичната пријава се однесува на делата: „Злоупотреба на службената положба и овластување (Член 353, ст. 1 од КЗ)“, „Повреда на рамноправноста на граѓаните (Член 137, ст. 1 и ст. 2 од КЗ)“ и „Загрозување на сигурноста (Член 143, ст. 1 од КЗ)“.
СДСМ побара од Јавното обвинителство „веднаш да постапи по кривичната пријава, да го повика Мицкоски на распит и да се спречи понатамошно загрозување на правниот поредок“.
„Нека докаже Јавното обвинителство дека никој не е над законите и дека може независно да постапува а не само по нарачки“, порача Димитријевиќ.
Од партијата нагласуваат дека нема да се повлечат: „СДСМ нема да се повлече пред заканите“.
„Мицкоски нарачува процеси мислејќи дека со тоа ќе нè исплаши и ќе ја запре нашата борба против неговата криминална организација. Се лаже! Нема да запреме! Не се плашиме!“, изјави тој.
„Доаѓа времето на вистината, правдата и одговорноста!“, додаде Димитријевиќ.











