Ердоган: Светот е пред сериозна пресвртница

Макфакс

17/04/2026

17:12

203

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес изјави дека меѓународниот систем поминува низ длабока „морална и егзистенцијална криза“, предупредувајќи на зголемувањето на глобалните конфликти, неправдата и слабеењето на постојните механизми на меѓународното право.

Турскиот претседател, говорејќи на Дипломатскиот форум во Анталија, рече дека е потребно да се зајакне мултилатерализмот и „пофер претставување во глобалниот систем“.

Зборувајќи за конфликтите во светот, Ердоган го поздрави примирјето меѓу Индија и Пакистан, нагласувајќи ја важноста на дијалогот и дипломатијата како единствен пат до траен мир, објави “ТРТ Хабер”.

Тој особено ја нагласи важноста од зачувување на слободата на пловидба низ Ормускиот теснец, оценувајќи дека неговото затворање би имало сериозни последици за глобалната енергетска безбедност.

Ердоган, исто така, изјави дека ситуацијата во Појасот Газа е особено загрижувачка, каде што, како што рече, во изминатите две и пол години, околу 73.000 Палестинци се убиени, додека повеќе од 172.000 се ранети, а меѓу жртвите има десетици илјади деца и сирачиња.

„Она што се случува во Газа не е само хуманитарна трагедија, туку го покажува и карактерот на постоечкиот глобален систем“, рече Ердоган, додавајќи дека меѓународните институции честопати остануваат немоќни пред кршењето на основните принципи.

Ердоган ја повтори подготвеноста на Турција да посредува во преговорите за завршување на војната во Украина, како и поддршката за политичкиот процес во Сирија, со порака дека Анкара останува посветена на стабилноста на регионот.

Зборувајќи за Балканот, Ердоган ја нагласи својата поддршка за регионалната стабилност преку иницијативи како што е „Балканската мировна платформа“, додека во врска со Егејското Море и Источниот Медитеран, рече дека е против еднострани потези и максималистички барања.

Тој изрази надеж дека Форумот ќе биде плоден и за Турција и за Блискиот Исток, и за целиот свет.

„Турција го смета Форумот за интелектуална платформа за детални дискусии за целиот свет и можност за интеракција“, рече Ердоган.

Според него, целта на основањето на Форумот била да се создаде глобална платформа, а денес Форумот е платформа за дискусии и место на надеж за подобра иднина.