Зошто кириите во Европа незапирливо растат? Кровот над глава сè поскап

Точка

18/04/2026

10:00

502

Големина на фонт

а а а

Европскиот пазар на недвижности влезе во 2026 година под силен притисок, не само од инвеститорите, туку пред сѐ од потстанарите кои сѐ потешко го следат растот на трошоците за живот.

Најновите податоци покажуваат дека домувањето повеќе не е само основна потреба, туку сѐ почесто и финансиски товар што сериозно ги нарушува семејните буџети.

Според актуелните анализи, просечното домаќинство во Европската унија денес издвојува околу 20 отсто од своите приходи за домување, додека во одделни држави тој процент достигнува и алармантни 30 до 35 отсто. Најпогодени се земјите од југот и истокот на Европа, каде растот на кириите далеку го надминува растот на платите, наведува „Eurostat“.

Растечка побарувачка, бавна градба

Клучниот проблем лежи во дисбалансот меѓу понудата и побарувачката. Во текот на претходните години, високите каматни стапки значително го отежнаа купувањето на недвижности, поради што голем број граѓани останаа на пазарот на изнајмување.

Истовремено, инвеститорите ја забавија изградбата на нови станбени единици поради повисоките трошоци за финансирање и неизвесноста на пазарот.


Резултатот е јасен, повеќе луѓе бараат стан, но понудата не го следи тој раст.

Дополнителен притисок доаѓа и од краткорочното издавање, кое во туристичките и урбаните центри го намалува бројот на станови достапни за долгорочен наем.

Балканот во фокус на инвеститорите

Регионот на југоисточна Европа е еден од оние со најбрз раст на кириите. Хрватска и Црна Гора се издвојуваат како пазари со двоцифрен раст, поттикнат од туризмот и сѐ поголемиот интерес на странски закупци.

Слични трендови се присутни и во Србија, каде комбинацијата од раст на побарувачката, ограничена понуда и доаѓањето на странски државјани дополнително ги зголемува цените на наемот, особено во поголемите градови.

Кога ќе се погледне мапата на раст, источна Европа и Балканот се во јасен фокус на инвеститорите и закупците.

Хрватска е лидер во Европската унија со раст од дури 17,6 отсто.

Црна Гора бележи пораст од 18,5 отсто, делумно поради сѐ поголемата атрактивност за дигитални номади и „short-term“ закупци.

Додека Грција (10 отсто), Унгарија (9,8 отсто) и Бугарија (9,6 отсто) се над просекот на Европската унија, исклучок е Македонија со поскромен раст.


Интересно е дека најголемите европски економии како Германија (2,1 отсто), Франција (2,3 отсто) и Шпанија (2,4 отсто) останаа под просекот на Европската унија, што укажува на построга регулација или заситеност на пазарот.

За разлика од тоа, поразвиените европски економии бележат постабилен раст, благодарение на построги регулации и поголем удел на јавно домување, пишува „Bizlife“.

Домувањето како клучен економски предизвик

Растот на кириите има пошироки последици од обичното зголемување на трошоците за живот. Сѐ повеќе граѓани го одложуваат купувањето на првата недвижност, го продолжуваат престојот во изнајмени станови или се преселуваат во поевтини средини.

За работодавачите, ова станува сериозен предизвик. Трошоците за домување сѐ почесто влијаат врз одлуките на вработените за промена на работа или преселување, што ја менува динамиката на пазарот на труд.

Без брзо решение

Експертите предупредуваат дека краткорочните мерки, како ограничување на цените на наемот, можат да донесат само привремено олеснување. Долгорочното решение бара зголемување на понудата преку поинтензивна изградба, поттик за инвеститорите и развој на достапно домување.

До тогаш, потстанарите ширум Европа ќе мора да се прилагодат на новата реалност во која станот повеќе не е само кров над глава, туку еден од најголемите финансиски предизвици на современиот живот.