Во текот на изминатата недела, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 655 кубни метри непрописно одложен отпад на територијата на градот Скопје. Отстранети се неколку поголеми диви депонии на улиците Перо Наков во општината Гази Баба, Џон Кенеди во општината Чаир, како и Гвадалахара во општината Шуто Оризари, извести Комунална хигиена-Скопје.
Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела изготви 19 записници за лица и правни субјекти затекнати при кршење на Законот за јавна чистота, од коишто по шест записници се врачени на територијата на скопските општини Чаир и Карпош.

ЈП Комунална хигиена-Скопје изврши целосно расчистување на теренот по обемната сообраќајна незгода лоцирана на главната улица во општината Ѓорче Петров, како и чистење и посипување со песок во непосредна близина на маркетот Томи во општината Кисела Вода, каде што беше забележано излевање на големо количество масло на коловозот.

ЈП Комунална хигиена-Скопје апелира да престане масовното одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини што директно ја загадува животната средина и го загрозува јавното здравје. Апелираме мешаниот комунален отпад да се одлага исклучиво во наменски поставените садови, додека Претпријатието продолжува на граѓаните да им ја нуди можноста својот кабаст отпад бесплатно да го одложат во Центарот за селекција на отпадот во Карпош, секој ден во неделата, од 07 до 19 часот, се наведува во соопштението на Комунална хигиена-Скопје.







