Скопје, 20.04.2026 година – Изминатиот викенд во ООУ „Петар Поп-Арсов“ во Скопје, се одржа настанот „Уметноста на инклузијата“ - креативна работилница во организација на Специјална Олимпијада Северна Македонија (СОМ) во соработка со нивните партнери од НЛБ Банка.
Настанот понуди јасен пример за инклузија во пракса, каде атлетите од СОМ, под менторство на уметницата-педагог Мирослава Микица Трујкановиќ, преку боите и уметничкото изразување покажаа како се надминуваат препреките и предрасудите. Оваа креативна работилница претставува дел од пошироката стратегија на Специјална Олимпијада Северна Македонија за поттикнување социјална инклузија. Настанот уште еднаш ја потврди вредноста на моделот за заедничко учество на лица со и без попреченост како важна алатка за надминување на социјалните бариери и градење заедница во која секој има еднаква можност да го реализира својот потенцијал.

„Мотивирани од тоа дека инклузијата нема граници и е подеднакво важна во уметноста и во спортот, со поддршка на уметницата Мирослава Трујкановиќ и од нашите пријатели НЛБ Банка, се одлучивме на ваков чекор – организација на креативна работилница. Ликовното изразување е извонреден метод кој им помага на лицата со попреченост полесно да го канализираат својот внатрешен свет и да ги пренесат своите емоции онаму каде што зборовите понекогаш не се доволни. Кога тој креативен процес е поддржан од нашите партнери, се создава посебна енергија и се практикува инклузија во пракса – вака градиме длабоки пријателства и поттикнуваме меѓусебно разбирање кое останува долго по завршувањето на работилницата.“ истакна г-ѓа Моника Бошкоска, Претседател на Специјална Олимпијада Северна Македонија.


Од НЛБ Банка, ја истакнаа стратешката соработка со организацијата нагласувајќи дека поддршката на Специјална Олимпијада претставува долгогодишна традиција и значаен сегмент од нивните активности за општествена одговорност. Посочија дека инклузијата е темел на здраво општество и дека ваквите иницијативи имаат значајна улога во препознавање и поттикнување на потенцијалите на секој поединец.
„Инклузијата во уметноста значи активно учество каде секој потег со четката е рамноправен. Преку овој педагошки пристап, на учесниците им нудиме простор за развој на фината моторика и фокусот, што директно ја зајакнува нивната самодоверба. Најголемата вредност е токму инклузивната соработка: кога атлетите и партнерите работат на исто платно, учат да се надополнуваат и да создаваат заедничка визија. Целта беше низ овој процес секој учесник да го открие својот автентичен креативен потенцијал, докажувајќи дека талентот не познава попреченост,“ истакна уметницата-педагог, г-ѓа Мирослава Трујкановиќ.



На настанот активно учество заземаа 15 атлети кои заедно со нивните партнери од Банката и ученици од ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ креираа 15 прекрасни уметнички дела. Насликаните дела ќе бидат дел од хуманитарна продажна изложба која ќе се одржи на 04.05.2026 година, додека средствата од продажбата ќе бидат наменети за поддршка на развојните програми на Специјална Олимпијада Северна Македонија.
Промовирајќи ги вредностите на заедништвото, Специјална Олимпијада Северна Македонија продолжува да дејствува како предводник во создавањето општество кое ги вреднува и слави различностите како колективен, заеднички успех.
###
За Специјална Олимпијада Северна Македонија
Формирана пред повеќе од 20 години, таа е дел од Специјалната Олимпијада (Special Olympics), светски раширено движење активно во повеќе од 150 држави од целиот свет, со над 2.2 милиони активни учесници и околу 750.000 волонтери. Како олимписки партнер на Меѓународниот Олимписки Комитет (International Olympic Committee), Специјалната Олимпијада годишно организира и реализира повеќе од 200 национални програми - натпреварувања кои вклучуваат локални, национални, регионални и светски натпревари, турнири и игри.



Специјална Олимпијада Северна Македонија функционира како непрофитабилна и невладина организација која опфаќа еден многу важен општествено-социјален сегмент, со посебен акцент кон лицата со пречки во развојот. Специјална Олимпијада Северна Македонија има 10.000 активни членови, од кои 2.500 се Атлети.
www.som.mk
###















