Актерката Лиса Кудроу искрено зборуваше за тоа како се чувствувала додека ја гледала серијата „Friends“ по смртта на Метју Пери.
Кудроу ја толкуваше улогата на Фиби Буфе, а серијата следеше група дваесетгодишници кои во Њујорк ги започнуваа своите кариери, љубовни животи и пријателства. Актерката беше дел од шестчлената екипа на „Friends“, во која беа и Џенифер Анистон како Рејчел Грин, Кортни Кокс како Моника Гелер, Дејвид Швимер како Рос Гелер, Мет Лебланк како Џои Трибијани и Метју Пери како Чендлер Бинг.

Пери почина во 2023 година, а неговото заминување ја поттикнало Кудроу повторно да ја гледа серијата.
„Порано го гледав само она што сум го згрешила или што сум можела подобро да го направам, но кога повторно ја гледав, почнав навистина да ценам колку тоа беше одлично. Метју едноставно беше над сите нас“, изјави таа.
Исто така, Кудроу наведе дека не била свесна за размерите на зависноста на Пери. Со текот на годините, Пери 15 пати бил на рехабилитација и користел лекови за време на снимањето на серијата „Friends“.

Потсетувајќи се на својот колега, Кудроу изјави: „Тој беше гениј на дело. Што и да направиме ние во иднина, никогаш повеќе нема да доживееме нешто слично“.
Иако Пери се обидувал да ја сокрие својата состојба, драматичните промени во неговиот изглед го одразувале сето она низ што минувал. Во едно од последните интервјуа, актерот изјавил дека неговите колеги секогаш биле разумни и трпеливи.







